Почитувани членови на ЗИЗ Тутела, колеги заштитари кои како професионалци работите на полето БЗР,

Ја споделуваме со Вас реакцијата на Претседателот на МЗЗПР, на Дописот на ЗИЗ Тутела до владата на РСМ, а во врска со Решението на Владата на РСМ за именување на членови на Советот за БЗР (Сл. Весник на РСМ 29/20).

Дописот реакција ви го пренесуваме во целост, во интерес на струката.

ИО на ЗИЗ Тутела

До

Проф. Д-р Јасмина ЧАЛОВСКА, претседател на Советот за безбедност и здравје при работа

СОВЕТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Копија

• Влада на Република С. Македонија
• Министерство за труд и социјална политика
• Министер за труд и социјална политика

ПРЕДМЕТ: ДОПИС ОД ЗДРУЖЕНИЕ НА ИНЖЕНЕРИ ЗА ЗАШТИТА ТУТЕЛА, СКОПЈЕ

Почитувана Претседател на Советот,
Почитувани колеги, членови на Советот,

Не би го пишувал ова писмо да не сум директно споменат на неколку пати како антипод на колегијалноста, транспарентноста, професионалноста и Кодексот на инженерите за заштита при работа.

На 17.02.2020 добив допис кој е испратен во оригинал на 14.02.2020 до Владата на РСМ под број 0302/3, примен од Влада на 17.02.2020, а во копија до Министерството за труд и социјална политика, Дополнителниот Заменик Министер за труд и социјална политика, Советот за безбедност и здравје при работа, а во е-маил форма до членовите на Советот за безбедност и здравје при работа и Дополнителниот Заменик Министер г-ѓа Санела Шкриељ.

Дописот во основа е слабо промислена манипулација која треба да доведе до моја смена од местото на претставник на професионалните здруженија за безбедност при работа преку назначување на преставник од здружение на граѓани кое е формирано кон крајот на февруари 2018 година. Како алиби за истиот чекор се користи фалслива елаборација на привидна бројност од уште две здруженија кои во реалноста имаат заеднички членови со подносителот, а забораваат дека постојат уште едно најстаро и две нови здруженија кои работат на оваа проблематика. Така да целата оваа понатамошна преписка е безпредметна, но…

Нејсе, дозволете ми накратко да ги набројам аргументите кои намерно ги заборавија подносителите на иницијативата:
• Во ниеден момент поднесителот (Тутела) на иницијативата не дошол и не разговарал за своите намери лично со мене како нивен претсавник во Советот. Некоректно и неодговорно е да обвинуваш некого за нешто, а да не се обидеш да комуницираш и да се обидеш да најдеш решение. Уште повеќе некоректно е да се обидеш да вклучиш во површна елаборација една еминентна личност како што е професорката д-р Бислимовска, претходниот претседател на Советот за безбедност и здравје при работа, и да инсинуираш дека не одговорила на иницијативите испратени до неа.
• Крајно непрофесионално е да тврдиш дека не си информиран за работата на Советот, покрај бројните е-маилови, дописи, записници од работата на советот, покани за дебати, средби со домашни и меѓународни претставници, итн, а веќе следната минута нафрлаш бројни статистики за (не)работата на Советот. Сега, или си информиран или не си информиран? Половично информирани обично се оние кои одбираат такви да бидат.
• Комично е тоа што наведуваат дека јас сум нивен преставник од 2009 година кога тие како Здруженија де факто и не постоеја (имајќи впредвид дека во тој период, единствено покрај МЗЗПР формално постоеше Здружението за заштита при работа на општините на град Битола, кое беше помагано од страна на Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) да застане на свои нозе и повторно да заживее, за што е добиена и благодарница).
• Неоспорен факт е тоа што МЗЗПР беше и причината оваа институција, Советот за безбедност и здраје при работа да биде вметнат во Законот за безбедност и здравје при работа од 2007 година, и истиот да биде основан во 2009. Уште еден факт кој подносителите го забораваат е тоа што Македонското здружение за заштита при работа е формирано во 1967 година и од тогаш во континуитет работи на промовирање на идеата за превентивна култура на работното место преку професионализација на носителите на оваа струка – дипломираните инженери за заштита при работа. Токму заради оваа своја дејност, МЗЗПР, во соработка со Машинскиот факултет во Скопје, при Универзитетот Свети Кирил и Методиј од Скопје ги формираше Интердисциплпинарните студии по заштита при работа во далечната 1987/88, на кои голем број од сегашните членови на подносителот дипломираа. Уште повеќе што во 2010 година на Универзитетот Гоце Делчев во Штип, повторно на иницијатива на Македонското здружение за заштита при работа беа отворени првите постдипломски студии по Инженерство на работна средина. МЗЗПР е основниот елемент и причина за постоење на заштитата при работа во Македонија во оваа препознатлива форма и нејзина меѓународна афирмација. Таа историска улога на оваа организација никој ниту смее, ниту може да ја негира или присвои. Не заради мене како нејзин прв човек, туку заради директното позитивно влијание на самата МЗЗПР врз животите на подносителот на иницијативата.
• Но и покрај се, МЗЗПР имајќи ја впредвид појавата на нови Здруженија за заштита при работа, поточно според сегашниот речник, безбедност и здравје при работа, конкретно на претставниците на трите споменати здруженија им предложив, наместо да бидеме за потсмев на пошироката јавност, да пристапиме кон возобновиување на Сојузот на здруженија за заштита при работа, кој би имал за цел да ги обедини сите граѓански организации кои се занимаваат со оваа проблематика и истите да ги преставува на национално ниво. Членови во овој Сојуз би биле Здруженијата кои во својата мисија имаат создавање на превентивна култура на работното место и намалување на несреќите на работното место. Оваа идеа, на неколку пати беше афирмирана кај преставниците од новосоздадените здруженија, но за жал на истатата иницијатива не беше одговорено. Како афирмативен потег од страна на МЗЗПР и како можно решение на вештачки креираната ситуација од страна на подносителот, истата идеа беше промовирана и пред претходната министрка, г-ѓата Мила Царовска на 14.12.2019 година во Министерството за труд и социјална политика пред двајца нејзини колеги, г-нот Дарко Дочински и г-ѓата Мирјанка Алексовска. Претходно, на 24.04.2019 оваа идеа беше пласирана и на преставникот на FES во Македонија, г-нот Милан Живковиќ, помагачот на активностите на подносителот.
Несериозно е да се инсистира на репрезентативност, кога тоа никој не го бара. Уште повеќе, што и препораката од страна на МТСП е да “се средат работите во нашиот двор, а понатаму Советот ќе ги прифати нашите решенија”. Останува неодговорено прашањето, зошто воопшто е испратена иницијативата до МТСП, наместо до претседателот на Советот?

• Писмото со број 0302/03 од 14.02.2020 испратено до Владата и копии до МТСП и Советот за БЗР е потпишано само од подносителот Тутела, поточно неговиот претседател М-р Дејан Ангеловски, додека претходното Писмо од 10.07.2018 е доставено од подносителот Тутела, Здружението за заштита при работа на општина Битола и Здружението за безбедност при работа “28 април”. Дали ова значи дека останатите две здруженија се повлекле од иницијативата и сега Тутела ги злоупотребува? Или дали намерно сега подносителот ги изоставува сите останати стари и нови здруженија и се обидува да делува преку други канали на моќ? Не знам. Но користејќи ја нивната реторика, никаде нема да стигнеме, уште помалку ќе се претставиме како сериозни професионалци кои на целокупниот пазар на труд се нудат како експерти кои можат да им помогнат на работодавачите и работниците како можат да ги избегнат ризиците на работа, а од друга страна не знаат самите да си ги решат работите по дома. Затоа се враќам на претходната точка и конкретниот предлог кој го дадов за надминување на измислениот предизвик. Не заради нечија суета – туку заради струката на која се повикува подносителот.

Не можам, а да не го приметам горчливиот вкус на подметнување и замена на тези кои секако треба да доведат до валкање, не само мое како претставник на здруженијата за заштита при работа/безбедност при работа, туку и на колегите на Советот за безбедност и здравје при работа и со посебен акцент на претставниците на Министерството за труд и социјална политика. Очигледно не им е јасно на подносителите на иницијативата, дека Министреството за труд и социјална политика се само тројца од еднаквите членови (15 на број) на Советот за безбедност и здравје при работа и дека тие ниту назначуваат, ниту разрешуваат членови од Советот. Тоа не го прави ниту Владата, туку:

“ЧЛЕН 44

(1) СОВЕТОТ ГО СОЧИНУВААТ 15 ЧЛЕНА ОД КОИ ЧЕТИРИ ЧЛЕНА, ОД РЕПРЕЗЕНТАТИВНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ НА

РАБОТОДАВАЧИТЕ, ЧЕТИРИ ЧЛЕНА ОД РЕПРЕЗЕНТАТИВНИТЕ СИНДИКАТИ, ТРИ ЧЛЕНА ИМЕНУВАНИ ОД ВЛАДАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ЕДЕН ЧЛЕН ПРЕТСТАВНИК НА ФАКУЛТЕТОТ КОЈ СПРОВЕДУВА ОБРАЗОВНА ДЕЈНОСТ НА ПОЛЕТО НА БЕЗБЕДНОСТА ПРИ РАБОТА, ЕДЕН ЧЛЕН ПРЕТСТАВНИК НА ФАКУЛТЕТОТ КОЈ СПРОВЕДУВА ОБРАЗОВНА ДЕЈНОСТ НА ПОЛЕТО НА МЕДИЦИНАТА НА ТРУДОТ, ЕДЕН ЧЛЕН ПРЕТСТАВНИК НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА СТРУЧНИТЕ ЛИЦА ЗА БЕЗБЕДНОСТ ПРИ РАБОТА И ЕДЕН ЧЛЕН ПРЕТСТАВНИК НА ЗДРУЖЕНИЕТО НА ЕКСПЕРТИ НА МЕДИЦИНА НА ТРУДОТ.”

Очигледно е дека подносителот сака да биде претставник на професионалните здруженија во Советот за безбедност и здравје при работа, но нема јасна претстава како всушност Советот функционира. МЗЗПР не стана член на Советот само за да го изнервира подносителот, туку стана член на Советот бидејќи останатите Здруженија не постоеја. Што повторно не враќа кон претходно дадената идеа за Сојузот на здруженија.

Кулминација на конспиративните инсинуации е делот каде што Советот се обвинува и подносителот реторички сам се прашува прашува: “…6 години функционира и го “исполнува” членот 44 од Законот за БЗР со присуство на претставници на ОРМ за кои Владата на РСМ нема донесено Решение за нивно назначување. (чиј пропуст е ова?)”. Па веројатно на истиот орган на кого иницијално подносителот го има адресирано овој допис? Решенијата се објавуваат во Службен Весник по иницијатива на Владата. Или тоа е премногу апстрактно за да се разбере?

Подносителот намерно сака да се портретира некоја си интер-дијаболична поврзаност на членовите на Советот со некои апстрактни форми на здружување заради “некои бенифити”, а за воља на вистината сите досегашни активности на Советот, сите членови, минати и сегашни, ги правеа и ги прават на волонтерска основа и без никаков надоместок, притоа и од свој џеп финасирајќи ја работата на Советот. Мислам дека од повеќе е јасно кој го руши угледот на Советот и МТСП со инсинуации кои му имаат логика единствено само на подносителот.
Да се биде дел од Советот за безбедност и здравје при работа е пред се чест! Оваа своја улога честопати јавно ја декларирав и вон границите на нашата земја. Тоа од страна на МЗЗПР е преточено во проектна активност која со помош на Европската Унија и Советите од другите балкански IPA земји, во наредните 46 месеци истатата ќе ја прошириме во другите земји од балканскиот регион каде што немаат Совети. Така е тоа кога се работи. Другото сè е политика.

Бидете безбедни и здрави на своите работни места.

Со почит,

Милан ПЕТКОВСКИ, м-р

____________________

претставник на професионалните здруженија во Советот за безбедност и здравје
претседател на Македонското здружеие за заштита при работа

Оригиналниот допис можете да го превземете овде

Дописот на кој е реагирано можете да го превземете овде

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *