Почитувани членови на ЗИЗ Тутела,
Почитувани колеги заштитари,

Согласно актуелните случувања на полете на БЗР во време на пандемија од SARS-CoV-2 вирусот, како и промовирање на одредени нестандардни активности и чекори во име на БЗР, декларативно залагајќи се дека е се во интерес на вработените, ИО на ЗИЗ Тутела, по консултации со членовите, на Седницата одржана на ден 24.09.2020 г, Одлучи да се достави Допис-реакција до сите надлежни чинители од областа БЗР, во кој ќе се даде стручно мислење за актуелните случувања.

Содржината на Дописот е следна:

До
-Министерство за труд и социјална политика на РС Македонија
-Министер за труд и социјална политика на РС Македонија
-Министерство за здравство на РС Македонија
-Министер за здравство на РС Македонија
-Државен инспекторат за труд
-ЈЗУ Институт за јавно здравје на РС Македонија
-ЈЗУ Институт за медицина на трудот на РС Македонија
-Организација на работодавачи на Македонија
-Сојуз на Стопански комори на Македонија
-Стопанска комора на Македонија
-Синдикални организации во Р.С. Македонија

Дата: 29.09.2020 г.

Предмет: Реакција на актуелни случувања на полето на БЗР во време на пандемија од SARS-CоV-2 вирусот

Почитувани,

Во време на пандемија предизвикана од SARS-CоV-2 вирусот во јавноста се појавуваат повеќе информации кои се однесуваат на заштита на вработените на работните места од овој вирус, особено информацијата дека е потребно да се изврши проценка на ризик на сите работни места кај работодавачите.
Како Здружение во кое членови се стручни лица за безбедност при работа, сакаме да укажеме на некои појави, пред се, да не дозволиме „работите“ да тргнат во погрешна насока, односно да се превземат единствено мерките кои реално ќе имаат влијание на заштита на вработените.

Нашето согледување го искажуваме низ факти, прашања и одговори, според позитивната законска регулатива, при тоа во ова согледување не се земени во предвид здравствените работници за кои имаме други потреби и барања.

Несомнени важни факти кои произлегуваат од пандемијата:

•        Вирусот е заразен, најверојатно респираторен и се пренесува од човек на човек преку капков пат;
•        Како опасност не е производ на работниот процес ниту потекнува од работната околина, односно кај работодавачот може да е донесен од надворешната околина;
•        Заразен вработен може да инфицира други вработени при извршување на работните задачи;
•        Не е можно да се постапи по редоследот на мерки за намалување на ризикот вообичаени за опасности и штетности кои потекнуваат од работниот процес, односно не може да се замени со неопасен или помалку опасен, која е прва мерка за заштита;
•        Секој може да се зарази, но последиците се најголеми кај хронично болни и кај повозрасни лица кои најчесто се во пензија;
•        Последиците по здравјето од вирусот засега се непредвидливи и не се знаат сите можни последици.

Дијалог низ прашања

1. Прашање: Која е законската регулатива која ја регулира ова ситуација на пандемија и заштита на вработените?

Одговор: Исклучиво Законот за заштита на населението од заразни болести (Сл.весник на РМ бр. 66/2004, 139/2008, 99/2009, 149/2014, 150/2015 и 37/2016), член 1 па и најголем број на други членови понатаму. Обид кон регулирање на оваа област имаше во Законот за заштита и спасување (Сл.весник на РМ бр. 36/2004) каде покрај земјотреси, поплави и сл. се регулираа и епидемиите, но со негова измена (Сл.весник на РМ бр. 86/2008) член 113 истите се бришат. Ова е направено поради донесувањето на Законот за заштита на населението од заразни болести (донесен по Законот за заштита и спасување) кој ја регулира оваа материја.

2. Прашање: Дали Законот за безбедност и здравје при работа треба да се применува особено за проценка на ризик за КОВИД-19 на сите работни места?

Одговор: Апсолутно не за сите работни места. Да за работни места каде е неизбежен контакт со заразени лица, како медицински установи и сл. Овој Закон јасно укажува на потреба од проценување на ризиците кои произлегуваат од работното место, работните активности, работната средина кај работодавачот, а не ризици кои се донесени од надвор како поплави, земјотреси па и епидемии. За полесно разбирање на овој став потребно е да се погледнат член 3 дефиницијата за изјава за безбедност, член 5, член 11 од Законот за безбедност и здравје при работа (Сл.весник на РМ, бр. 92/07, 136/11, 23/13, 25/13, 137/13, 164/13, 158/14, 15/15, 129/15, 192/15, 30/16 и 18/20), како и член 2 дефиниција за „проценка на ризик“ и член 9 од Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот (Сл.весник на РМ, бр. 02/09).
Според некого треба да проценуваме ризици за пандемија КОВИД-19, а како во услови на земјотрес ќе проценуваме ризици од земјотрес? Затоа системот за безбедност од сите можни влијанија во РС Македонија е поделен во неколку столба врз основа на потребите на живеење и функционирање на граѓаните и е регулирана со повеќе закони.

3. Прашање: Дали понудената метода која се промовира деновиве за проценка на ризик за КОВИД-19, може да се применува при проценка на ризици за медицински установи?

     Одговор: Доколку сте спремни да се судрите со следните законски одредби прецизирани во понатамошниот дел од одговорот, тогаш може и да ја користите. Имено зошто не препорачуваме да се користи:

  • Во член 11 од Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот (Сл.весник на РМ, бр. 02/09) јасно е укажано какви методи треба да се применат.
  • Согласно приложената метода потребна е пресметка на ковид возраст нецелосно превземена од веб страната https://alama.org.uk/covid-19-medical-risk-assessment/ каде јасно е укажано дека со текот на нови сознанија се менуваат и одредени коефициенти за сите параметри кои се земаат во предвид. Кај нас се промовира табела со фиксни коефициенти, кои веќе се променети во најновите верзии на изворната информација.
  • За да пресметаме ковид возраст потребно е да ги знаеме коморбидитетите на вработените што е несериозно гледано од наш аспект, особено бидејќи со тоа ги прекршуваме следните одредби: член 153 и 154 од Законот за здравствена заштита (Сл.весник на РМ, бр. 43/12, 145/12, 87/13, 164/13, 39/14, 43/14, 132/14, 188/14, 10/15, 61/15, 154/15, 192/15, 17/16, 37/16),  член 4, 7, 18, 30 од Законот за евиденции во областа на здравството (Сл.весник на РМ, бр. 20/09, 53/11, 164/13 и 150/15), член 25 од Законот за заштита на правата на пациентите (Сл.весник на РМ, бр. 82/08, 12/09, 53/11, 150/15, 190/19), член 4, 7, 18, 30, 34 од Законот за заштита на личните податоци (Сл.весник на РМ, бр. 42/20) и на крај член 11 од Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените (Сл.весник на РМ, бр. 60/13 и 168/14). Се ова не би било проблем ако во оваа проценка учествува само докторот од соодветна специјалност или докторот по медицина на труд, но во проценката на ризик учествуваат и други субјекти согласно член 3 од Правилникот за начинот на изготвување на изјава за безбедност, нејзината содржина, како и податоците врз кои треба да се заснова процената на ризикот (Сл.весник на РМ, бр. 02/09).

Да напоменеме дека сосема е различно претходно кажаното од потребата за превентивен здравствен преглед дефинирана со Законот за безбедност и здравје при работа каде докторот по медицина на труд треба да ги знае коморбидитетите кои можат да бидат контраиндикација за работното место каде работи вработениот, но само тој и тоа оние болести кои се прврзани со работното место.

4. Прашање: Дали вработените кои подолго време не биле на работа (согласно одлука/уредба на Владата на РСМ) или пак се враќаат на работа по боледување од КОВИД-19 треба да се праќаат на насочен здравствен преглед?

Одговор: Секако дека НЕ. Член 5 од Уредбата за видот, начинот, обемот и ценовникот на здравствените прегледи на вработените (Сл.весник на РМ, бр. 60/13 и 168/14) точно ги определува условите кога се вршат овие прегледи.

Заклучок

Од претходно наведеното, неспорен е фактот дека сите работодавачи треба да ги следат препораките на надлежните институции за примена на мерките за заштита од КОВИД-19, но не и да изготвуваат проценки на ризик за секое работно место, да ги упатуваат вработените на претходен или насочен здравствен преглед. Стручните лица за безбедност при работа треба доследно да учествуваат во анализата на можни загрозени работни места, да ги применуваат препораките на надлежните институции и да учествуваат во разработка на планови за заштита.  

Со почит,  Во интерес на БЗР,

ИО на ЗИЗ ТУТЕЛА.

Здружение на инженери за заштита
ТУТЕЛА, Скопје

Доставената верзија на Дописот можете да ја превземете овде:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *