Како би ја оцениле моменталната состојба во областа на безбедност при работа во Република Северна Македонија?
Ако направиме паралела на состојбата во областа на безбедност и здравје при работа во Република Северна Македонија, од донесувањето на Законот за безбедност и здравје при работа од 2007 година до денес, може да се каже дека состојбата не е идеална, но има огромен напредок, благодарение на зголемената свест од страна на работодавците и работниците во однос на големото значење на безбедноста и здравјето при работа во смисла на безбедна и здрава средина, безбедни и здрави работници и крајната цел – сигурни приходи од дејноста на работодавците. Секако, секогаш сите чинители треба да тежнеат за напредок, бидејќи безбедноста и здравјето при работа е жива материја која треба да се негува и унапредува.
Пандемијата со ковид-19 се одрази на работната средина во сите сектори, како се одрази врз работата на Инспекторатот?
Државните инспектори за труд во периодот на пандемијата со ковид-19 беа во првите „борбени редови“ веднаш по медицинскиот кадар во здравствените установи, кои непрекинато ја следеа состојбата кај работодавците во смисла на спроведување на мерките, одлуките и заклучоците на Владата на Република Северна Македонија за спречување на ширењето на ковид-19, а во согласност со Законот за заштита на населението од заразни болести.
Каква е состојбата со екипирањето и каква е соработката со другите инспекции и субјекти?
Старосната структура во Државниот инспекторат за труд е висока, во 2021 година во Државниот инспекторат се вработија 23 нови инспектори, а според планот за 2022 година се планира да се вработат уште 26 инспектори. Со новите вработувања и во идните години, цел е да се постигне целосна екипираност на Државниот инспекторат за труд.
Што се однесува на соработката со другите инспекции и субјекти, истата е на солидно ниво и соработката е во склоп на работните задачи и надлежности на нашиот инспекторат.
Доживотното учење е една од клучните области за ефикасност во работата на државните службеници. Кои се плановите за стручно усовршување на инспекторите за безбедност и здравје при работа?
Инспекторите за труд имаат право и должност, според Законот за инспекциски надзор, континуирано, професионално и стручно да се усовршуваат и обучуваат, во согласност со потребите на инспекциската служба во која се вработени. Стручното усовршување се врши преку генерички обуки врз основа на Годишната програма за генерички обуки на Инспекцискиот совет и специјализирани обуки врз основа на Годишната програма за специјализирана обука на инспекторите на Државниот инспекторат за труд. Во текот на една година, Инспекцискиот совет организира и спроведува најмалку три генерички обуки, а Државниот инспекторат за труд организира и спроведува најмалку три специјализирани обуки на инспекторите и тоа поединечни специјализирани обуки за инспекторите од областа на работните односи и инспекторите од областа на безбедност и здравје при работа.
Микропретпријатијата и малите и средните претпријатија сочинуваат речиси 93% од сите претпријатија во ЕУ, а слична е ситуацијата и во Mакедонија. Тие често пати немаат знаење и ресурси за да ги исполнат барањата за безбедност и здравје при работа. Како да се промени тоа?
Според Законот за безбедност и здравје при работа, работодавецот доколку нема соодветен стручен кадар и техничка опременост сам да ги изврши стручните работи за безбедност при работа може обврските што треба да ги исполни да ѝ ги довери на надворешна стручна фирма од областа на безбедност при работа. Таа обврска има фискална импликација со стручната фирма и микро, малите и средните претпријатија не можат да си дозволат континуирано да бидат изложени на тој трошок. Еден од начините за решавање е да се изрегулира материјата која се однесува на обврски на работодавците од областа на безбедност и здравје при работа во новиот или измени на стариот Закон за безбедност и здравје при работа, а истата ќе се однесува само на микро и мали претпријатија, односно на намалување на обврските на тие работодавци. Сепак, крајниот збор во однос на регулативата ќе ја има законодавецот – Министерството за труд и социјална политика.
Кои се клучните предизвици за инспекцијата за безбедност и здравје при работа?
Клучните предизвици за инспекцијата за безбедност и здравје при работа во наредниот период се:
– поголема застапеност на теренот, со акцент на ризичните дејности;
– подигање на свеста на работодавците и работниците за областа безбедност и здравје при работа;
– намалување на бројот на повреди и смртни случаи при работа;
– зголемување на бројот на инспектори;
– пренесување на практичните искуства и имплементирање во законската регулатива од оваа област;
– подобрување на квалитетот на инспекциските надзори и др.
Што би им порачале на клучните чинители во областа на безбедност и здравје при работа?
Државниот инспекторат за труд е во нераскинлива врска со сите чинители во областа на безбедност и здравје при работа, но и сите чинители имаат обврска секој во својот домен професионално да придонесува за унапредување на безбедноста и здравјето при работа. Државниот инспекторат за труд е отворен да ја продлабочи таа врска, да се разменуваат искуствата, да се подига свеста кај работодавците и работниците за важноста на областа безбедност и здравје при работа, сѐ со цел да се намалат повредите и смртните случаи при работа, да се зголемат мерките за лична и колективна заштита на работниците, да се изнајдат прифатливи законски решенија со кои ќе биде овозможена подобра имплементација на законската регулатива од оваа област кај работодавците итн. Заедничката заложба на сите чинители неминовно ќе доведе до бенефити во секој поглед и на задоволство на сите чинители.