Почитувани членови на ЗИЗ Тутела, колеги заштитари, почитувана јавност, почитувани претставници на државните институции кои ја креираат политиката и во чија надлежност е областа БЗР, ни претставува посебна чест на крајот проектот ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2022″, да ги сублимираме сите активности и да ви ја претставиме во најкратки црти ползата од самиот проект.

Поточно, одиме чекор по чекор и тоа:

ПРЕД СЕ, И ОВОЈ ПАТ ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВАМЕ НА СИТЕ УЧЕНИЦИ; НАСТАВНИЦИ; ПРАВНИ СУБЈЕКТИ – ПОДДРЖУВАЧИ НА ЦЕЛАТА АКТИВНОСТ

Како проект ,, БЗР од мали нозе”, е одобрен и од страна на Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ( мислење бр.09-207/2 од 03.02.2022 година ), како настан, за подигање на јавната свест за градење на култура за безбедност и здравје, од најмала училишна возраст кај учениците.

Повикот ,,БЗР од мали нозе 2022 година”, e организиран од страна на Стручните Здруженија кои работат на полето безбедност и здравје при работа, На повикот за избор на најдобри литературни творби  на тема БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА (БЗР), изработени од учениците од Република Северна Македонија, повик, кој четврт пат се одржува и станува традиционален.

И овој, четврт пат, најмладите најсериозно пристапија и исполнија скоро двестотини страници од нивното гледање на безбедноста и здравјето при работа.

Повторно потенцираме, дека ваквиот однос и одговорност на најмладите, нивните ментори, наставници, родители … ни дава потврда дека сме на правиот пат и воедно ни претставува поттик да продолжиме и уште повеќе да се заложиме културата за БЗР да се развива и негува од мали нозе.

РЕДОСЛЕД НА АКТИВНОСТИ:

Во првата фаза од повикот „БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ“ за 2022 година, апликација/трудови поднесоа учениците од следните Основни училишта:

– ООУ„Браќа Миладиновци”, АеродромСкопје,
– ООУ„Гоце Делчев“, Горно Лисиче, Аеродром, Скопје ,
 ООУ „Димитар Македонски“, Аеродром – Скопје,
 ООУ „Рајко Жинзифов“, н. Драчево, Кисела Вода, Скопје,
 ООУ „Кочо Рацин“, Куманово ,
 ООУ„Св. Климент Охридски“, н.Драчево, Кисела Вода, Скопје ,
 ПУ при ОУ „Св.Кирил и Методиј“, с.Логоварди, Битола,
 ООУ„Св.Климент Охридски“, Македонски Брод,
 ООУ „Кирил и Методиј“, Свети Николе,
 ООУ„Св. Кирил и Методиј“, Иловица, Босилово,
– ООУ,,Партенија Зографски”, Кисела Вода, Скопје,
 ООУ„Славејко Арсов“ , Штип,
 ООУ,,Тошо Арсов“, Штип,
 ООУ ,,Кире Гаврилоски Јане”, Прилеп,
– ООУ „Климент Охридски“, Прилеп,
 ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“, с. Иванковци, Велес,
 ООУ„Гоце Делчев“, Штип,
– ОУ„Елпида Караманди“, Битола,
– ООУ „Даме Груев“ с.Ерџелија, Свети Николе,
 ООУ „Никола Карев Радовиш,
 ООУ “Гоце Делчев“, н.ИлинденИлинден,
 ООУ„ Дане Крапчев “, н.Маџари, Гази Баба, Скопје,
 ООУ„Григор Прличев“, Охрид,
 ОУ„Св.Кирил и Методиј“, Битола,
 ООУ„Наум Наумовски Борче“, н.Маџари, Гази Баба, Скопје.

На конкурсот се пристигнати 196 творби, од 195 ученика и 25 основни училишта. Од нив направена е селекција односно сите творби кои не се песна или расказ или не се со тема безбедност и здравје при работа не се земени во предвид во понатамошна евалуација.

Останати се 177 творби од кои 122 песни и 55 раскази:
   Категорија 1 – 90 творби
   Категорија 2 – 22 творби
   Категорија 3 – 35 творби
   Категорија 4 – 30 творби

Творбите ги евалуираа 13 наставници од Основните училишта.
– Драгица Петрова
– Катерина Алексова Наумова
– Катица Стојчева
– Ленче Наќева
– Лидија Ѓорчевска Дузлевска
– Македонка Додевска
– Марија Стојчевска
– Марија Н. Ристова
– Наташа Стоилкова
– Васка Икономова
– Виолета Јовановска
– Жаклина Веловска
– Зорица Манева

Согласно нивната евалуација, беа избрани најдобрите три творби во секоја категорија, и тоа:

Категорија 1 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

  1. БЕЗБЕДНОСТ НА ПРВО МЕСТО, автор Теодор Јаневски V-3 одд., ООУ ,,Кочо Рацин”, Куманово, ментор: Лидија Христовска
  2. Безбедност и заштита при работа, автор Јана Маркоска II-1 одд., ООУ ,,Гоце Делчев” Аеродром, Скопје, ментор: Сања Стојановска Атанасовска / Блашка Узунска Трајковска
  3. Заштита при работа, автор Калина Караџоска V-1 одд., ООУ ,, Дане Крапчев”, Гази Баба, Скопје, ментор: Даниела Торковска

Категорија 2 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

  1. Безбедност и здравје пред се , автор Мила Златков  IV-а одд., ООУ ,,Гоце Делчев”, н.Илинден, Илинден, ментор: Ана Јордановска
  2. Пожарникарот Миле, автор Јана  Спасовска IV- в одд., ООУ ,,Гоце Делчев”, н.Илинден, Илинден, ментор: Гордица Милковска
  3. Ден во фабрика, автор Јана Стаменковски III-б одд., ООУ ,,Гоце Делчев”, н.Илинден, Илинден, ментор: Андријана Јовановска

Категорија 3 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)

  1. Безбедност и здравје при работа, автор Андреј Антов VII б одд., ООУ ,, Димитар Македонски”, Аеродром, Скопје, ментор: Виолета Јовановска-Никовска
  2. Заштита и безбедност при работа од мали нозе, автор Никола Арсовски  VI-б одд., ООУ ,, Рајко Жинзифов”, н. Драчево, Кисела Вода, ментор: Каролина Коларовска
  3. Безбедност и заштита при работа , автор Дајана Стојановска  IX- a одд., ООУ ,, Гоце Делчев”, н.Илинден, Илинден, ментор: Лидија Даниловска-Ѓуровска

Категорија 4 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)

1. Безбедност и здравје при работа, автор Марија Матеска VIII-1 одд., ООУ ,, Св. Климент Охридски”, Македонски Брод, ментор: Мартина Филипоска
2. Безбедност и здравје при работа, автор Ања Димовска VIII одд., ООУ ,,Стојан Бурчевски – Буридан”, с. Иванковци, Велес, ментор: Мирјана Пановска
3. „Што ако…“, автор Горјан Ристески VIII-4 одд., ООУ ,,Климент Охридски”, Прилеп, ментор: Јулијана Талеска

Прогласувањето на најдобрите трудови и доделување на наградите на првонаградените творби се случи на настанот организиран по повод 28 АПРИЛ, Светскиот ден за БЗР, во организација на Министерството за труд и социјална политика, Советот за БЗР и Меѓународната организација на трудот, канцеларија во Скопје, кој се одржа на 28.04.2022 година во хотел Хилтон, Скопје.

Како дел од самиот настан, со одреден тајминг, беше и делот во организација на Здружението за заштита при работа на општина Битола, Битола, Здружението за безбедност при работа 28-ми Април, Скопје и Здружението на инженери за заштита ТУТЕЛА, Скопје „БЗР од мали нозе – ЗДРУЖЕНИ, БЕЗБЕДНИ, СИЛНИ!“

Повеќе детали за самиот настан можете да погледнете на следниот ЛИНК

Со финансиска поддршка во фазата на печатење од МАКСТИЛ АД, Скопје, четвртата ЗБИРКА ПЕСНИ И РАСКАЗИ ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ” го дочека светлото на денот во средината на Европската недела за БЗР.

Среда, 26.10.2022 г., Стопанска комора на Северна Македонија, по четврти пат во РС Македонија, како составен дел од активностите за одбележување на Европската недела за БЗР, се промовира четвртата збирка на песни и раскази која тематски ја опфаќа областа безбедност и здравје при работа (БЗР), збирка на литературни творби изготвени од дечиња од прво до деветто одделение, ученици во основните училишта во Македонија.
Настанот се одржа во присуство на повеќе од 70 учесници вклучувајќи ги Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јована Тренчевска , потпретседателката на Советот за БЗР г-ѓа Даниела Китанова , претставник на Бирото за развој на образованието, претставници на Државниот инспекторат за труд г-ѓа Грозданка Тилева и г-дин Тони Војнески, авторите-ученици на творбите, нивните родители, нивните ментори, претставници од Основните училишта, членовите на комисијата која ги евалуираше творбите како и претставници на организаторите, трите Здруженија.

Повеќе детали за самиот настан можете да погледнете на следниот ЛИНК

Согласно изборот на комисијата, Ви ги претставуваме првонаградените творби во четирите категории:

Категорија 1 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

БЕЗБЕДНОСТ НА ПРВО МЕСТО

Човекот работи многу често,
и треба безбедноста да му е на прво место.
Тој за семејството се грижи,
ако не е безбеден, не смее да мижи.

Заштита при работа важна е за сите
не само за мене, тебе и Мите.
Пожарникарот треба чизми и опрема да носи,
пламенот црвен да не го покоси.

Заштитна опрема треба да носи секој,
а не само по некој.
Со неа го штитиш животот свој
и треба да го цениш, сепак тој е твој.

Дали ќе си пекар или добар лекар
треба да си безбеден како за пехар.
Дали ќе си рудар или пак шофер
со животот не се игра покер.

Има една поговорка стара,
гледај да сочуваш глава,
затоа шлем на неа носи,
не е важно дали имаш чешлани коси.

Ученик: Теодор Јаневски V-3 одд.
Училиште: ООУ ,,Кочо Рацин”, Куманово
Ментор: Лидија Христовска

Категорија 2 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

Безбедност и здравје пред се

Беше едно мартовско утро.Се случуваше нешто чудно и необично.Се појави првиот случај на вирусот Ковид-19 и во нашата земја.Изминатите неколку денови возрасните кришум зборуваа за некоја болест која се појавила многу далеку од нас.Се беше така далечно и никој не се надеваше дека со огромна брзина толку опасен вирус ќе бидел дел и од нашиот живот.
Се сеќавам на тоа мартовско утро.Бев вознемирена и многу исплашена.Тој ден не известија од училиште дека наставата ќе ја продолжиме дома.Бев тажна.Нема да си ги видам своите другарчиња ниту наставничките.Ја пречекав од работа мојата мајка која е здравствен работник.Во очите и го видов заморот и загриженоста.Ме прегрна силно и ми рече дека треба да разговараме.Длабоко во себе веќе знаев што ќе ми каже.Ми објасни смирено за вирусот,што треба да направиме за да се заштитиме и како се пренесува. Следниот период кога голем дел од луѓето останаа од дома да работат мојата мајка секој ден одеше на работа.За нејзина безбедност но и за сите нас носеше маска понекогаш и две,визир ракавици и постојано се дезинфицираше.Ги дезинфицираше кваките,чевлите.Имавме посебни правила кога таа се враќаше од работа. Како изминуваа деновите целиот страв стана секојдневие и нешто на кое веќе сите бевме принудени да се навикнеме.Но имаше и многу луѓе кои не веруваа во овој вирус и не ги почитуваа мерките.Таков случај беше и дргарката на мојата мајка.Не веруваше во вирусот,не носеше маска ниту пак држеше дистанца и на своето работно место беше незаштитена.Се прашував како може некои од возрасните да бидат неодговорни кон себе и околината а ние децата не можевме да излеземе ниту да се дружиме. После одреден период дознав дека жената се заразила со вирусот на своето работно место и го заразила и нејзиното синче кое е на иста возраст како мене,а нивната состојба е загрижувачка.Моето другарче мораше да оди во болница.Беше многу храбар.Се бореше како лав за да ја победи болеста.После еден месец дојде денот кога се збогуваше со болницата и излезе како победник.Во очите ми светеа солзи радосници.Посакувам никогаш,ниту едно дете да не помине низ тој лош сон.Откако закрепнаа,жената сфати колку голема грешка направи и што значи нејзината безбедност на своето семејство.
После две години од тоа мартовско утро можам да кажам дека сум среќна.Не го чуствувам стравот и одам во училиште.Се дружам со другарчињата.Имам надеж дека наскоро вирусот ќе исчезне и нема маските да ни се секојдневие.Сите ја научивме лекцијата што значи да бидеш здрав,безбеден,за децата училиштето, за возрасните своето работно место и како таа внимателност носи среќа и радост во секое семејство.Сите треба да бидеме многу внимателни и одговорни во извршување на своите обврски.Секое невнимание може да предизвика море од детски солзи.Но тажни,не радосници.Затоа да внимаваме на себе и на околината,да сме здрави и безбедни и да уживаме во сите насмевки.

Ученик: Мила Златков  IV-а одд.
Училиште: ООУ ,,Гоце Делчев”, н.Илинден, Илинден
Ментор: Ана Јордановска

Категорија 3 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)

БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Мама и тато работат во различна институција
мама во пошта, а тато во полиција.
Од понеделник до петок се на работа,
а дома се секоја сабота.

Правилник за БРЗ тие имаат
и сите работници правилата треба да ги почитуваат.
Заштитата при работа е многу важна,
во спротивно ќе добијат голема казна.

Еве како тоа се прави,
што треба работникот на себе да стави.
Пожарникарот заштитно одело да носи
додека на огнените јазици им пркоси.

Лекарите луѓето ги лечат
и се обидуваат болестите и короната да ја спречат.
Ракавици и заштитна маска секој треба да стави
за да се заштитат од вируси, да останат здрави.

По улиците немојте брзо да возите,
може живот да загрозите.
За безбедноста наша чичко полицаец се грижи
спречува насилства и грабежи.

Елек–панцир и шлем носи
да се заштити од куршум, да не го покоси.
Ние сме мали, но треба да научиме
и како да се заштитиме да изучиме.

Еден ден и нас работа не чека,
тоа ќе биде голема среќа.
Предпазлив секој треба да биде
за да може жив и здрав дома да оди.

Секоја грешка при работа носи ризик,
затоа немој да се правиш шизик!

Ученик: Андреј Антов VII б одд.
Училиште: ООУ ,, Димитар Македонски”, Аеродром, Скопје
Ментор: Виолета Јовановска-Никовска

Категорија 4 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение

БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА

Човекот тешко живее со правила, полесно му е да ги создава, одколку да ги почитува истите. Животот навидум изгледа едноставен, но човекот понекогаш го прави комплициран, не ценејќи го, мислејќи дека може да направи што и да е, но никогаш н не може да направи се. Животот е бесценет да го направиме безбеден.
Само што сонцето беше изгреало, а неговите зраци почнаа да ѕиркаат низ прозорецот на мојата соба се слушна сирена. Излегов набрзина на прозорецот прескокнувајќи го креветот на кој спиев. Ја здогледав колата за брза помош како со огромна брзина се движи по улицата и за неколку моменти веќе ја снема. Во тој момент не ни помислував што би можело да се има случено. Но по неколку минути се слушна уште еден таков силен звук и уште една кола на брзата помош со голема брзина ја помина улицата.
Набрзина се облеков, слегов по скалите, ја отворив вратата и излегов на улицата. Видов како на прозорите на другите куќи излегуваат љубопитни луѓе, на кои звукот на сирената им го прекратила сонот.
Луѓето почнаа да излегуваат на улица, збунети од звуците на сирените но и од прашањето кое во тој момент им се вртеше во нивните глави „Што се има случено?“.
Кога се вратив дома ја слушнав мајка ми како разговара на телефонот и кога заврши со разговорот со малку подуплашен глас ми рече : „Сине морам да одам на работа, биди мирен и паметен за кратко ќе дојде дедо ти да не бидеш сам“. Поминаа речиси 10 години од тој ден ( јас тогаш имав 8 години ).
Седевме со мојот татко во кујната , татко ми и јас го пиевме утринското кафе. Тој седеше наспроти мене и читаше весник. Татко ми веќе 10 години не оди на работа, зема инвалидска пензија бидејќи има повреда од која не може убаво да се движи и да се оптеретува физички. Јас на моите 18 години а тој на 45 години. Се прашувам и ден денес дали можеше сето ова да биде поинаку, дали ќе беше поубаво татко ми да оди на работа и секако да заработи повеќе одколку пензијата што сега ја има.
Неколку пати од тој настан се обидував да го прашам татко ми што се случило тоа утро во рудникот во кој тој работеше но секогаш кога ќе се обидев, како некоја кнедла да ми застануваше во грлото и тука застануваа сите мои обиди.
Еднаш со мојот чичко кој не така често доаѓа кај нас ги слушав како разговарат.
Брат, така требало да биде, несреќа.- кажа чичко ми.
Да, можеби е така, рече татко ми, јас се помирив со судбината, ја имав сета потребна заштита, но еден од лекарите ми рече ако не сум го носел заштитниот шлем можеби ќе сум загинел.
И друго брат, му се обрати пак татко ми, истрагата покажа дека ходниците не се доволно заштитени од вакви несреќи, таваните исто така не биле заштитени според соодветната скала за заштита од потреси. Но дали било така јас не можам да тврдам.
Искрено јас се откажав од намерата да ја дознаам вистината, но кога имав 14 години мојата мајка ми ја кажа причината зошто татко ми не оди на работа.
Таа вечер мојот татко бил трета смена и како и сите рудари излегол од својата куќа испратен од мајка ми со зборот „среќно“ .
Во рудникот кој се наоѓа на пет километри од градот работеле околу двесте рудари. Мојот татко таа вечер заедно со уште педесеттина рудари  влегле во окната и на длабочина од околу сто метри под земја ископувале железна руда од рудникот.
Пред влезот во рудникот секој од рударите треба да ги почитува протоколите за безбедност и здравје при работата во услови кога се работи во рудник. Сите рудари требало да имаат заштитна опрема која подразбира кацига, лампа, чизми, облека.
Секој од рударите требало и морало да ја земе својата опрема и пред влезот во ливтот да биде контролиран од вработен во рудникот дали работникот влегува во длабочините на рудникот како што е пропишано односно со целосна заштитна опрема.
Кога влегле во окната за да работат не поминало ни половина од работното време кога рударите осетиле не толку силен потрес кој само предизвикал облак од прашина од таваните на ходниците. Но по неколку минити се случил кобниот потрес кој траел скоро една минута. Од таваните почнале да паѓаат заштитните греди кои за миг се нашле на земја. Влезот во ходникот по неколку минути се затрупал со големи камења и греди.  Гредите кои паѓале од таваните предизвикале повреди на рударите кои во тој момент се наоѓале во рудникот.
Татко ми како што ми раскажуваше мојата мајка десетина минути бил без свест и кога се освестил гледката која во тој момент ја видел не била ни малку пријатна.
Се слушале повици за помош од повредените рудари , некои од рударите лежеле под урнатините на рудникот, а некои кои имале среќа да ги избегнат ударите од потресот се обидувале да им помогнат на повредените.
Неколку од рударите кои останале на другата страна од урнатините веднаш известиле за несреќата и дека поголем број на рудари се затрупани во еден од ходниците на рудникот. Татко ми се обидувал да стане но не можел, почувствувал како нозете му се тешки и не можел да ги помрдне. Но и се потешкото дишење кое било резултат на се помалото присуство на кислород во окното.
Спасувачките екипи за околу два часа успеале да го ослободат ходникот од урнатините и да дојдат до повредените рудари. Повеќето од рударите биле во без сознание некои од самите повреди но и од недостатокот на кислород на местото на несреќата. За околу еден час сите рудари веќе биле надвор од секаква опасност.
Кога мајка ми пошла во болницата некои од рударите кои биле во безсознание веќе биле во болницата .После половина час од првите рудари го донеле и мојот татко во болницата. После снимањето, кај татко ми е утврдено дека има повреда на кичмата од која повреда во прво време не можел да се движи но по неколку месеци поминати на рехабилитација состојбата се подобрила.
Откако мајка ми заврши , јас и реков : – Мамо , јас секогаш ќе бидам покрај тебе и татко ми и ќе учам за доктор за да им помагам на луѓето кога тоа е потребно.И навистина беше така сега сум прва година на студии по медицина.
Жалењето за животот, односно за она што ни се случило нема да ни помогне да постигнеме ништо. Иако сме поминале низ тешки времиња, единствено нешто што можеме да направиме е да продолжиме да чекориме напред ,  да не се откажуваме, не само поради самите себе, туки и поради нашите поколенија на кој треба животот да им го направиме посигурен и побезбеден.

Ученик: Марија Матеска VIII-1 одд.
Училиште: ООУ ,, Св. Климент Охридски”, Македонски Брод,
Ментор: Мартина Филипоска

Во врска со целиот проект, дел од менторите на учениците и дел од членовите на комисијата која ги евалуираше творбите го напишаа следното:

За животот се работи
(Во рамките на проектот  БЗР)
Животот е единстевен и највреден на секое суштество на планетата Земја. Живеејќи го спознаваме сето она што нѐ опкружува, знаеме да се радуваме, сакаме да се дружиме, да соработуваме, да успееме во нашите намери и поставени цели, со еден збор сакаме да бидеме среќни. Само здрави индивидуи  може да бидат креатори и исполнувачи на своите соништа.Само здрав човек, може да биде среќен.
Здравјето е најголемо богатство за секој од нас, па затоа за поздравување е секој проект, иницијатива или заложба за  грижа за здравјето на луѓето. Децата се огледало на возрасните и затоа уште од  најмала возраст треба да се запознаат со  безбедноста и здравјето при  работа.
Проектот „Безбедност и здравје при работа“ (БЗР) и сите активности и промовирања во рамките на проектот се од голема важност за учениците. Впрочем, едно од основните права заштитено со закон е  и правото на живот на секој човек. На тој начин, од повеќе аспекти,  учениците ќе научат од колкаво значење е заштитата  и безбедноста на здравјето на луѓето на своето работно место. Од мали нозе ќе научат како да се грижат за себе, но и своите сознанија да ги споделат со возрасните членови, најпрво во своите семејства.
Вреднувајќи го здравјето на секој човек, се вреднува неговиот  труд, неговото достоинство, неговото постоење. Само на тој начин се постигнува вистински успех и почит на работното мсето. А тоа е важно, затоа што секој возрасен голем дел од времето го троши токму таму, на работа.
Литературните творби на учениците, по распишаниот конкурс „Безбедност и здравје при работа“ се само уште еден доказ и потврда дека организаторите успеале во намерата за заштита на здравјето на работникот на своето работно место и успеале децата уште од мали нозе да ги поттикнат за правилно расудување и вреднување на живот на личноста.
Збирките творби со трудовите на учениците по распишаниот Конкурс за БЗР,  се позитивен пример и уште едно сведоштво во заложбите на организаторите  за постигнување на поставените цели. За учениците, пак, се мотивација и континуиран растеж и спознавање на важноста на работничкото достоинство и неговиот живот.

„Должност ни е да го чуваме нашето здравје, инаку нема да имаме здрав и чист ум.” – Буда
Со почит,
М-р Марија Ристова – професор по македонски јазик
ООУ„Гоце Делчев“ Штип

——————————————————————————————————-

Освтр на значењето и успешноста на БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2022

Детската душа е најчистото нешто на овој свет. Но, кога  таа детска душа ќе биде насочена правилно да ги пополнува своите страници на животот, возрасните ја направиле највредната работа за идните генерации. Големиот број на пристигнати литературни творби на литературниот конкурс  БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2022 год. е уште еден доказ дека вложувањето во децата е вистинскиот пат да се изгради здрава и самосвесна генерација на идни градители на нашата татковина кои ќе знаат дека човековиот живот е најскапоценото нешто за секоја држава.   
Посакувам и понатаму да имаме успешна соработка за доброто на сите нас. 

Васка Николова – Икономова
Наставник по предметот Македонски јазик
ООУ,,Партенија Зографски” – Скопје

——————————————————————————————————————–

„Безбедност и здравје при работа“ – напишани литературни творби на малиот творец  кој низ својот искрен пристап кон темата ќе изрази најдлабоки чувства на загриженост. Низ одбран свој стих, своја исповед дадена во раскажување толку интимно, искрено ќе порача дека треба да се внимава за безбедноста и здравјето на секој кој професионално си ја работи својата работа затоа што: „ Секоја професија има своја тежина, секоја професија носи последици.“

Детските очи знаат секогаш да го видат убавото во секој ден,  но знаат да предупредат и за последиците што ги носи секојдневното брзање, секојдневната тежина на  работните задолженија на своите најблиски, на обичниот човек. Низ литературните творби на детето –творец ќе ја почувствуваме жешката солза на образот на работникот, работата која височини достига, но и опасности кои доколку не си заштитен живот значат.
Малиот творец ќе ни зборува и за  здравствени предизвици за кои заштита е неопходна бидејќи запознал опасен вирус, за изморен чекор на здравствен работник кој чекори кон својот дом, но среќен бидејќи помогнал на некого. Толку голем во својот исказ ќе донесе заклучок во својата творба дека:
„ Животот е еден и единствен, затоа безбедност пред се , безбедност и здравје при работата над  се!“

Проектот ,,БЗР од мали нозе ”  на стручните здруженија кои работат на полето безбедност и здравје при работа,само потврди дека токму најмалите творци – децата најсериозно пристапија и искрено напишаа свои размислувања и гледање на безбедноста и здравјето при работа во своите литературни творби.
Ваквиот однос и одговорност на најмладите ме радува  и претставува поттик овој проект да продолжи. Сите заедно да се заложиме културата за БЗР да се развива и негува од мали нозе.

Наставник по македонски јазик:
Драгица Петрова 
ООУ„Славејко Арсов“ Штип  

——————————————————————————————————————–

Почитувани!    

Чест и задоволство е да се биде дел од проектот „БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА ОД МАЛИ НОЗЕ“ неколку години по ред, проект кој успешно докажа дека поттикнува, обединува и помага при подигањето на колективната свест за безбедност и здравје при вршењето на некоја работа.
Секоја година воодушевуваат со топлина, убавина и љубов зборовите на учениците во нивните творби посветени на безбедноста и здравјето при вршењето на некоја работа. Голема е радоста што учениците уште од нивната најмала возраст преку овој проект со нивните напишани творби не поучуваат како да бидеме безбедни и здрави при вршењето на некоја работа и како да бидеме секогаш грижливи и одговорни личности кои почитуваат поставени правила при извршувањето на секоја работа.
Имам само пофални зборови и позитивни впечатоци за настанот и проектот „БЕЗБЕДНОСТ И ЗДРАВЈЕ ПРИ РАБОТА ОД МАЛИ НОЗЕ“, кои се организираат по повод 28 – ми Април – Светскиот ден на безбедност и здравје при работа. Посебно се радувам што бројот на испратените творби од учениците од година на година е се поголем и што овој проект заслужено прерасна во традиционален проект кој се реализира секоја учебна година.

Со почит

Наташа Стоилкова
Професор по македонски јазик и литература и писател,член на комисијата од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ – Иловица, општина Босилово – Струмица

——————————————————————————————————————–

Безбедноста при работа и подигнување свест кај најмладите е мотив што треба да го практикуваме и на сите  можни начини, форми  и педагошки стимулации да го имплементираме во секојдневниот живот на најлмадите -учениците.
Конкурсот на„ БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ“секако е единствен,стимулативен и впечатлив начин и модел   за поттикнување на творечкото  изразување и запознавање со заштитата и безбедност при работа. Подигнувањето на свеста за заштитните препораки и мерки ,секако се за пофалба бидејќи не постои подобар, поефикасен начин за запознавање и навремена едукација преку творечки и  кретаивен литературен израз кај учениците.Доближувањето  на безбедноста при работа преку  конкурсот на „БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ„ кон учениците, е секако единствен начин за активирање, соочување и информираност со превенцијата и заштитата при работа.
Со голема заинтересираност моите ученици го прифатија предизвикот на конкурсот,начинот на кој се запознававме со творечката тема и едукативната страна на зададената тема ,која ја откривавме заедно низ творењето  и прегледувањето на личните творби,разменувањето на сознанија од примери во нивното опкружување.
Се радувам на жарот и позитивната придобивка од конкурсот,бидејќи победивме сите учесници –ученици.Сега знаеме повеќе сега ќе подучиме и други,спознавме   и научивме заштитата е голема добробит на секој човек,заштитините мерки во борбата за заштита при работа е предизвик што треба да го совладаат сите за своја лична  заштита и заштита на другите во било кој вид на работа.
Работата секогаш е иста  и секаде, се надвиснуваат опасности за кои треба да сме спремни да ги совладааме односно да се заштитиме во најдобар случај.Ние учениците од подрачното училиште од с.Логоварди при ОУ „Св.Кирил и Методиј„ –Битола, сме побогати  поблагодарни ,затоа што творевме, истражуваме и научивме колку е позитивно да се запознаеш  со заштитните мерки при работа. Ние победивме! Ви благодариме!

Одд.наставник Жаклина Веловска
Подрачно училиште во с.Логоварди
 „ Св.Кирил и Методиј„ -Битола

——————————————————————————————————————–

Драги ученици, ви честитам!  Со задоволство ги читав вашите творби  и се восхитувам  на вашата креативност преточена во збирката.Уметноста на вашите зборови да краси многу напишани литературни дела. Дајте им живот на вашите соништа да полетаат кон патот на успехот  и храбро со љубов чекорејте кон  нови хоризонти.
Почитувани Инжинери,ви благодариме на прекрасните моменти  кои им ги подарувате на  нашите најмали  уметници и ги мотивирате да веруваат во себе.Со вашата посветеност успеавте да допрете до детските срца.

Марија Сотировски – Стојчевска
ООУ “Гоце Делчев“ – н.Илинден

——————————————————————————————————————–

Осврт кон збирката песни и раскази „БЗР од мали нозе – 2022“

Да се препознае потребата и важноста за безбедноста и здравјето на поединецот како приоритет во едно општество е големо достигнување, но да се подигне јавната свест за градење култура за безбедност и здравје од најмала возраст – кај учениците во основното образование – значи поставување цврсти темели и јасна цел во создавање иднина за здравјето и безбедноста на сите во општеството. Вклучувањето на најмладите во проектот Безбедност и здравје при работа е значајно зашто ги ангажира децата да размислуваат за иднината, за работните места и за професионалната ориентација од гледиште на заштитата и безбедноста, а притоа остварувајќи го својот уметничкo-творечки светоглед.
„БЗР од мали нозе“ е проект кој докажува дека децата од најмала возраст ја препознаваат важноста за безбедноста и здравјето покажувајќи интерес за постигнување на истата, се грижат за својата лична безбедност, безбедноста во своите семејства, училиштето, околината во која се движат и престојуваат. Книгава претставува збир од ученички творби, во проза и поезија, коишто се литературен блесок на младите талентирани ученици кои со својата креативност и творечки потенцијал твореа на тема „БЗР од мали нозе“. Низ страниците на  оваа збирка децата ги испишаа своите размислувања за здравјето, споделуваа случки на кои биле сведоци, некои со среќен, но, за жал и со трагичен исход, се извлекоа поуки и заклучоци за тоа како треба и како не треба да се однесуваме за да се заштитиме себеси, но и за да ги заштитиме останатите. Остварувањето на целта на БЗР е возможно преку пропишување законски правила и норми и нивно почитување, а таа цел е достижна со вклучување на најмладите во овој проект бидејќи тие се иднината. Здравјето е најважната цел којашто ја посакуваме за себе и за нашите најблиски. Кога сме здрави имаме потенцијал да постигнеме сѐ што посакуваме во животот, безброј желби ни се ројат во мислите, копнееме, се радуваме, понекогаш тагуваме за некои материјални нешта, го живееме животот безгрижно и со леснотија, но кога сме лишени од здравје, постои само една желба: да бидеме здрави, затоа треба постојано да се стремиме да го зачуваме здравјето. Значајноста за водење грижа за заштита на нашето здравје се покажа како актуелна тема изминатиов период кога соочени со „невидливиот непријател – вирусот“, сфативме колку е значајно да ставиме маска, ракавици, да се изолираме кога сме болни, медицинските лица во скафандери ни станаа вообичаена глетка и се восхитувавме на нивната храброст и пожртвуваност за доброто на сите. Па така темата за справувањето со пандемијата предизвикана од КОВИД-19 беше присутна и во творбите на учениците.
Пожарникари, медицински лица, инженери, полицајци, градежни работници, рудари… многу професии се најдоа на страниците на збиркава. Децата твореа за во иднина сите вработени да бидат безбедни на своите работни места, да се почитуваат пропишаните правила, како од страна на работниците, така и од страна на нивните работодавачи. На тој начин ќе се постигне целта – заштита на здравјето и безбедноста на поединецот, а со тоа и на семејствата, но и на општеството во целина. Читајќи ги страниците на книгава, се забележува дека најмладите со интерес творат за оваа тема, разбирајќи ја и давајќи ѝ значајност на безбедноста и заштитата на здравјето.

Виолета Јовановска-Никовска
Скопје, 4.10.2022 г.

——————————————————————————————————————–

Четири години исполнети со предизвици. Проект „ БЗР од мали нозе“ – полн погодок!

Се разбрануваа чувствата и интересите на најмладите. Важноста од безбедноста и здравјето при работа е клучна за секој еден вработен како директно вклучен во процесот и семејството како индиректно вклучено.
Психофизичкото здравје на родителите значи и здрави и успешни поколенија.
И овојпат најмладите дадоа свој придонес учествувајќи на конкурсот и искажувајќи ги своите најдлабоки чувства кои предизвикаа воздрасните сериозно да се замислат и да обезбедат побезбедна и поздрава работна средина.
Стотиците страници исполнети со најискрени и најдлабоки чувства се уште еден показател дека иднината е во рацете на младите.
Навремено пружена шанса и добра подготовка водат кон безбедна и успешна иднина.
Благодарност за можноста, многу успеси и успешно реализирани проекти!
Научивме многу за безбедноста при работа ,отворени се многу дискусии, продолжете во интерес на БЗР, на работниците и работодавачите и на младите, кон побезбедни и поздрави работни места, кон посветла и поуспешна иднина!       
                        
Лидија Дузлевска
професор по македонски и англиски јазик и книжевност,
наставник при ООУ „Св.Климент Охридски “ с. Драчево, Кисела Вода – Скопје

——————————————————————————————————————–

Почитувани,

Како член во комисијата за евалуација на творбите од Конкурсот „БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ – 2022“, посебно задоволство претставува учеството во ваков проект каде може да се следат детските мисли преточени во расказ или песна на дадената тема во различни категории – Песна на тема: ,,Безбедност и здравје при работа“ (за ученици од прво до петто одделение и за ученици од шесто до деветто одделение) и расказ на тема: „Безбедност и здравје при работа“ (за ученици од прво до петто одделение и за ученици од шесто до деветто одделение), но одговорна и тешка беше улогата да се рангираат. Сметам дека според постапката за изборот на најдобрите творби, придонесе и моето рангирање на творбите и со рангирањето од страна на другите членови во комисијата ги издвоивме најдобрите од најдобрите поетски и прозни творби.
По внимателното разгледувањето на сите творби изработени од вредните ученици од основните училишта од Р.С. Македонија, можеше да се согледа дека учениците сериозно пристапиле кон поставената задача и секој одговорил на свој начин. Ја разбрале темата и во расказите и песните искажале дека безбедноста и здравјето при работа се важни за нив, децата, за работата на тато и мама и за сите возрасните работници, градежници, доктори, пожарникари, наставници, рудари, шофери, земјоделци, пекари … едноставно, заштитата при работа е важна за сите!
Разновидноста во описите на професиите и соодветната опрема за заштита при работа на интересен начин беше опишана во поетска или прозна замисла според сознанието, поднебјето од каде ги испраќаат младите литерати своите творби. Како што кажав, од најдобрите има и најдобри кои се издвојуваат и ја презентираат својата дарба за литературно творештво.
Се надевам дека кај читателите овие творби ќе поттикнат интерес за нивна вклученост во вакви настани и до нив ќе допре пораката кон која ќе се залагаме сите за безбедноста и здравјето при работа на секое работно место.

Октомври, 2022 година
Катица Стојчевска – наставник по Македонски јазик
ООУ „Дане Крапчев“ – Скопје


ПРОДОЛЖУВАМЕ, во интерес на БЗР, во интерес на младите, заедно до безбедни и здрави работни места….

Голема благодарност до членовите на комисијата, наставничките,  кои ги евалуираа трудовите,  до Менторите, а НАЈГОЛЕМА БЛАГОДАРНОСТ до младите ТВОРЦИ.

Претставувше посебно задоволство да се соработува со ВАС.

ИО на ЗИЗ Тутела

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *