KАМПАЊА ЗА ЗДРАВИ РАБОТНИ МЕСТА – ОЛЕСНЕТЕ ГО ТОВАРОТ (2020-2022) на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA)

Кампањите за здрави работни места (Healthy Workplaces Campaigns) кои ги осмислува, ги дизајнира и спроведува Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA) во Билбао – Шпанија без сомнение се вбројуваат помеѓу најзначајните глобални и широко прифатени и поддржани иницијативи кои се спроведуваат во областа на безбедноста и здравјето при работа. Овие кампањи се спроведуваат од 2000 година и се всушност една од водечките активности на европско ниво, која има за цел подигање на свеста за важноста и значењето на прашањата поврзани со безбедноста и заштита на здравјето на работниците на нивните работни места. Ваквите кампањи се најголеми од ваков тип во светски рамки. Главните пораки кои се промовираат низ овие кампањи се пораките дека безбедноста и здравјето при работа треба да бидат грижа на сите. Тоа е важно и е добро за работниците на работните места, но подеднакво е важно и за работодавците, за бизнисите, за општеството во целина.

            Во рамки на овие двегодишни кампањи Европската агенција за БЗР продуцира и промовира голем број различни материјали, студии, анализи, водичи и практични алатки кои им се достапни на сите заинтересирани и кои реално овозможуваат овие пораки да стигнат што е можно подалеку, т.е. да имаат што е можно поголем и поширок досег и одзив.

Во текот на кампањите за здрави работни места кои се целосно посветени на подигнувањето на свеста кај сите субјекти за прашањата поврзани со безбедноста и здравјето при работа, низ цела Европа – буквално во сите земји-членки на Европската Унија, но и во земјите кандидати за членство, меѓу кои и Република Северна Македонија, се организираат бројни настани, семинари, прес-конференции, презентации, научни и експертски конференции и дебати, наградни конкурси, промотивни настани и сл. кои се посветени на актуелни теми и прашања од областа на БЗР, но пред сè на носечката тема која ја карактеризира секоја поединечна двегодишна кампања. 

Тековната Кампања за здрави работни места, која се имплементира во периодот од октомври 2020 до октомври оваа 2022 година, се спроведува под мотото „Олеснете го товарот!“ (Healthy Workplaces – Lighten the Load) и е целосно посветена подигнувањето на свеста кај сите засегнати страни во врска со превенцијата и управувањето со мускулно-скелетните нарушувања (МСН) поврзани со работата, како еден од најзастапените здравствени проблеми кои се јавуваат кај работниците во Европа, а се директно поврзани со работата и работните места.

               Министерството за труд и социјална политика, кое од почетокот на 2020 година дејствува како т.н. контакт точка (focal point) на Европската агенција за БЗР (EU-OSHA), учествува во активности (состаноци, семинари, работилници) организирани во рамки на кампањата, но исто така е активно вклучено во промовирање на кампањата, информациите поврзани со тоа, клучните пораки итн., со цел да придонесе истите да добијат што е можно поголем одзив и кај нас, кај нашите работници, нашите компании, кај социјалните партнери, стручната и општата јавност во нашата држава. Промовирањето и десеминацијата на релевантните информации и пораките на оваа БЗР кампања е од суштинско значење за подигнувањето на свеста и за зголемувањето на знаењето и информираноста за причините, ризиците, последиците, поддршката, превенцијата, заштитата итн. поврзани со мускулно-скелетните нарушувања кај работниците кои се поврзани со работата и работното место.

          За таа цел, Министерството за труд и социјална политика во соработка со Агенцијата EU-OSHA обезбеди превод на македонски јазик и одредена количина на печатени промотивни материјали поврзани со кампањата (постер, брошура, флаер и сл.). Истите беа дистрибуирани до учесниците на различни настани од областа на БЗР, а поголем дел им беше доставен на претставниците на синдикатите, организациите на работодавци, здруженијата на стручни лица, на повеќе организации и институции од областа, кои исто така дадоа голем придонес во текот на овој изминат период во нивно дисеминирање како би можеле информациите ефикасно да стигнат до што поголем број на корисници и субјекти.

Покрај тоа, Министерството за труд и социјална политика на својата веб-страница, во делот посветен на БЗР, креираше и посебен дел посветен токму на оваа тековна БЗР кампања за здрави работни места „Олеснете го товарот“.

          Во тој дел објавуваме релевантни информации, материјали и содржини кои се однесуваат на темата на оваа кампања: Мускулно-скелетните нарушувања поврзани со работата, со истата цел: да ги направиме достапни до што поголем број лица и засегнати субјекти, да ги продлабочиме нивните познавања, да ја подигнеме свеста и заинтересираноста за оваа навистина важна тема, која е подеднакво релевантна и значајна за сите работници, за сите дејности.

          Линк кон делот од веб-страницата на МТСП кој е посветен на тековната ЕУ кампања за здрави работни места: https://bit.ly/3szSuhz

*             *             *

            Во понатамошниот дел од оваа статија би сакал да се обидам во кратки црти да ги пренесам некои од позначајните информации, наоди и пораки кои се поврзани со двегодишната кампања на Европската агенција за БЗР за „Здрави работни места – Олеснете го  товарот!“ што се имплементира од 2020 до 2022 година и која во фокусот ја има превенцијата од мускулно-скелетните нарушувања поврзани со работата (МСН).

Што се МСН (мускулно-скелетни нарушувања) поврзани со работата?

            Мускулно-скелетните нарушувања (МСН) поврзани со работата се всушност оштетувања на телесните структури, како што се мускулите, зглобовите, лигаментите, нервите, коските кои, главно, или се појавиле или нивната состојба се влошила поради работата, како и поради влијанието од непосредното опкружување каде што се извршува работата. Најголемиот дел на МСН поврзани со работата се кумулативни нарушувања кои се развиваат со текот на времето и се предизвикани од работата што ја извршува работникот или од работната средина. Како пример би можеле да ги посочиме нарушувањата кои можат да се јават како резултат од континуирано, долготрајно и повторувано изложување на товар со висок интензитет, или пак како резултат од извршување на еднолични активности кои постојано се повторуваат, или поради долготрајно извршување на работните активности при кои телото или делови од телото се наоѓаат во неудобна или статична позиција, или поради одредени незгоди/повреди при работа и сл.

Некои од карактеристичните МСН поврзани со работата кои може да се појават кај работниците се болки во вратот и/или во грбот (ова се и најчестите појави), повреди на мускулите (кои можат да се појават како резултат на активности кои бараат силен напор или „повторливи“ активности), повреди или состојби на зглобовите, повреди или состојби на коските (вообичаено резултат на скршеници при некоја незгода/повреда при работа или сл.).

            На следната слика се прикажани делови од телото кај кои вообичаено се јавуваат мускулно-скелетни нарушувања:

Зошто токму МСН и зошто се тие толку важни?

          Статистичките податоци и истражувањата направени во овој дел на ниво на Европската Унија недвосмислено покажуваат дека токму мускулно-скелетните нарушувања се дефинитивно еден од најсериозните и најчестите здравствени проблеми и здравствени состојби поврзани со работата. Податоците сведочат дека во некои европски земји мускулно-скелетните нарушувања поврзани со работата се и најчестите причини за инвалидност и за боледување на работниците. Тие се и најчесто признаените и утврдени професионални болести. 

           Според истражувањата, милиони работници низ Европа страдаат токму од одредена форма на мускулно-скелетни нарушувања. Резултатите од шестата по ред спроведена Европска анкета за условите на работа (European Working Conditions Surwey – EWCS) од 2015 год. покажуваат дека околу три од пет работници од Европската Унија (или високи 60% од работниците) наведуваат дека боледуваат од некое нарушување на мускулно-скелетниот систем, како што се болки во грбот, болки во мускулите на рацете, болки во нозете итн. Според истражувањето, најзастапените видови на МСН пријавени од страна на работниците се болки во грбот и болки во мускулите на горните екстремитети (43%, односно 41%), додека болките во мускулите на долните екстремитети се пријавуваат поретко (29%).

Токму мускулно-скелетните нарушувања се причина за сериозна загриженост и тоа не само поради ефектот што тие го имаат врз здравјето на директно засегнатиот вработен, но и поради ефектот и влијанието што го имаат врз производството и врз деловните процеси, продуктивноста во компаниите, но и врз стопанството во целост. Праксата покажува дека оние работници кои страдаат од ваквите нарушувања се многу почесто отсутни од работа. И тогаш кога се на работа, болките кои ги имаат како резултат на мускулно-скелетните нарушувања без сомнение имаат (негативен) ефект врз нивните перформанси во работата, врз ефикасноста и врз продуктивноста. Па и врз кариерата на овие работници, ако сакате… Тие се една од причините и за предвременото пензионирање на работниците. Се разбира, тука се и ефектите, односно оптоварувањето врз здравствениот систем во земјата, пензискиот систем итн.

Мускулно-скелетните нарушувања кај работниците многу често се појавуваат во комбинација со други здравствени проблеми и состојби, а тоа неизбежно ги намалува способноста за работа и квалитетот на животот на работникот.

            Многу е веројатно работниците кои страдаат од мускулно-скелетни нарушувања да се најдат во ситуација нивните секојдневни активности да бидат директно засегнати и тоа не само од МСН, туку и од други здравствени проблеми поврзани со нив. Освен чувствувањето болка, луѓето со МСН може да почувствуваат и анксиозност, проблеми со спиењето и општ умор. Подолгорочно гледано, тие може да не се во состојба да продолжат со извршувањето на нивната моментална работа или на друга слична работа.

Кои фактори влијаат за појава на МСН поврзани со работата?

            Како што е споменато погоре, генерално различни причини и различни фактори (групи на фактори) може да придонесат за појава на МСН поврзани со работата. Тука спаѓаат секако физичките фактори, но не се помалку битни и организациските и психосоцијалните, како и индивидуалните фактори.

            Во групата на физички фактори припаѓаат:

  • подигнување, носење, туркање или влечење товари или користење на алати;
  • повторливи или нагли движења;
  • долготраен физички напор при работата;
  • неудобни и статички позиции (на пр. долготрајно седење или стоење, клечење, држење на рацете во позиција над нивото на рамениците и сл.);
  • вибрации на дланката/раката или на целото тело;
  • изложеност на студ или претерана жештина;
  • високи нивоа на врева, кои предизвикуваат напнатост во телото;
  • и секако, лош или несоодветен распоред, поставеност и дизајн на работниот простор и работното место.

           Организациски и психосоцијални фактори кои потенцијално можат да придонесат кон појава и развивање на МСН поврзани со работата:  

  • премногу напорна работа, преголем обем на работа;
  • долго работно време;
  • работа без паузи или без можност за промена на држењето на телото при работата;
  • повторлива и/или монотона работа со брз ритам;
  • недостаток на контрола врз работните задачи и обемот на работа.

              Во групата на индивидуални фактори кои можат да влијаат врз појава на МСН:

  • претходна здравствена (медицинска) историја на работникот;
  • индивидуалните физички капацитети;
  • возраста;
  • висина на работникот;
  • преголема телесна тежина;
  • непознавање на техниките на работа и безбедносните процедури;
  • недостаток на обука и сл.

           Важно е да се знае дека сите овие фактори можат да делуваат независно едни од други, но исто така и во комбинација заедно. 

Постојат ли механизми/алатки кои ќе помогнат да се превенираат МСН поврзани со работата?

            Најважната порака која треба се пренесе до сите засегнати субјекти преку оваа кампања е пораката дека иако се моментално најраспространети и најзастапени здравствени состојби и здравствени проблеми поврзани со работата, мускулно-скелетните нарушувања (МСН) можат да се превенираат. Тие можат да се спречат и да се контролираат. За да се направи тоа, неопходно и клучно е да се има интегриран пристап во справувањето со овие ризици, пристап заснован на принципите на БЗР и интензивно да се работи на развивање и промовирање на превентивната култура која задолжително ги вклучува и работодавците и работниците.

           Од суштинско значење за успешна превенција на МСН поврзани со работата е Проценката на ризикот на работното место, преку која ќе се идентификуваат ризиците и начините за нивно управување.

             Се разбира, многу е мала веројатноста дека ќе биде возможно да се елиминира секој ризик за појава на МСН на работното место, но проценката на ризик ќе даде можност да се преземат навремени, понекогаш и едноставни мерки кои ќе овозможат намалување и управување со факторите на ризик за појава на мускулно-скелетни нарушувања поврзани со работата.

За да биде успешен овој процес секој на работното место мора да биде вклучен во идентификување на ризиците и изнаоѓање начини за нивно спречување. Во оваа насока, многу е важно да се зголемат свеста и разбирањето за МСН поврзани со работата, за негативните ефекти кои тие ги имаат врз работниците, врз бизнисите, врз стопанството, како и да се поттикнат работодавците и вработените да работат заедно со цел да се спречи појавата на МСН на работното место.

            Само заедничката соработка помеѓу работодавците, менаџерите и работниците може да креира основа за заедничко разбирање на проблемот и да води кон трајни подобрувања. Вклученоста на работниците во овие процеси може да доведе до поотворен разговор во врска со здравствените проблеми на работното место, вклучувајќи ги тука секако и МСН, и претставува сигурен начин да се преземат ефикасни превентивни мерки.

           Оттаму, главните принципи и столбови на кои би требало да се заснова успешното справување со појавата на МСН поврзани со работата се:

  • Проценка на ризикот на работното место: ова е од фундаментално значење за успешна превенција и треба да вклучува подготовка, проценка и спроведување на превентивни и заштитни мерки. Проценката на ризик на работните места кај работодавецот мора да ја опфати и изложеноста на работникот на ризиците кои се поврзани и влијаат врз појавата на МСН. Процесот на проценка на ризикот треба редовно да се ревидира и ажурира.
  • Комбинација на превентивни мерки за елиминирање/контрола на ризиците: ова треба да биде врвен приоритет за секое работно место. Бидејќи МСН се предизвикувани од повеќе и различни фактори, најдобро е да се примени комбиниран пристап, кој би вклучувал, на пример, активности насочени кон работното место (на пр. ергономија), кон организацијата на работата (на пример, дозволување на соодветни паузи), кон психосоцијалните фактори (пр. овозможување на контрола на работниците врз темпото на работа) и кон работниците (пр. обука за добро држење, т.е. добра поставеност на телото при извршувањето на работните задачи). Треба да се знае дека ваквите типови на интервенции со комбиниран пристап несомнено ќе имаат поголем ефект врз мускулно-скелетното здравје на работниците отколку да се преземаат мерки и интервенции кои посветуваат внимание на само еден ризик-фактор.
  • Поттикнување на учеството на работниците: работниците треба да бидат вклучени во идентификувањето на ризиците од МСН и на превентивните решенија за да им помогнат на компаниите да развијат сеопфатни политики за управување со МСН. За оваа цел може да се иницираат и да се поттикнуваат дискусии за мускулно-скелетни нарушувања на работното место или за време на обуките.

Што со работниците со хронични мускулно-скелетни нарушувања?

Големата застапеност и високата честота на појавата на мускулно-скелетните нарушувања поврзани со работата кај голем број работници од најразлични профили и во различни дејности ги потенцира потребата и огромната важност на преземањето на навремени активности за успешна превенција на овие појави. Раната интервенција е од суштинско значење за да се спречи МСН да станат хронични. Сепак, кога кај некој од вработените ќе се појават и развијат МСН, со преземање на едноставни мерки во делот на обезбедувањето на професионална поддршка и приспособување на работната средина брзо откако ќе се појават симптомите, може значително да му се олесни состојбата на тој вработен и значително да се намали веројатноста работникот да отсуствува од работа подолг временски период.

            Вработените кои имаат хронични состојби треба да добијат поддршка да се вратат на работа и да останат на работа. Ова е особено важно и од аспект на тоа што очигледно се соочуваме со тенденција на стареење на населението, а евидентно расте и бројот на луѓе кои живеат со хронични мускулно-скелетни нарушувања.  

За ефикасно управување (менаџирање) со мускулно-скелетните проблеми кај работниците потребно е координирано дејствување. И работникот, и здравствените служби (медицина на трудот) и работодавецот – сите треба да бидат посветени и активно да придонесат да му се помогне и овозможи на лицето да се врати на работа и на своите работни обврски или да остане на работа.

          Добрата комуникација и партиципативната проценка на ризикот се основни предуслови за идентификување на потребите на поединецот, изнаоѓање соодветни решенија и управување со МСН.

Важно е да се има предвид дека за да работи вработениот и не мора да биде 100% во одлична состојба и целосно способен. И вработените со хронични МСН можат да научат и да осознаат како да ги надминат своите проблеми, како да живеат и работат со нив, и како да управуваат со болката, дома или на работа. На пример, со избегнување на повторливи движења или на долго седење/стоење без паузи. И вработените со хронични состојби многу често се продуктивни, мотивирани и се трудат да избегнат пропуштање и заостанување на работа.  Постарите работници имаат вредни вештини и искуство. И помладите работници со МСН имаат многу што да понудат.

         Со правилни приспособувања овие вработени обично можат да продолжат ефикасно да работат. Притоа, честопати мерките кои треба да се преземат се едноставни и не многу скапи.

Какви мерки би можело да се преземат за превенција и управување со МСН поврзани со работата?

Имајќи предвид дека постојат повеќе различни групи на фактори кои можат да предизвикаат или да придонесат кон појава на МСН поврзани со работата, за успешно адресирање на овие ризици, како што беше потенцирано и погоре, најдобро е да се примени комбиниран пристап во дефинирањето и имплементирањето на специфични интервенции и мерки во работниот простор.

             Во овој дел би сакал да наведеме само дел од некои од потврдените принципи и примери на мерки и активности кои можат успешно да влијаат врз превенцијата и управувањето со мускулно-скелетните нарушувања кај работниците:

  • елиминирајте ги ризиците преку соодветни проектантски/дизајн решенија на работното место („ергономски дизајн“), дизајн на работно место, дизајн на работна опрема и процеси;
  • изберете приспособливи столови и маси (на пр. маси за стоење кои им дозволуваат на работниците наизменично да ја менуваат позицијата стоење или седење);
  • дизајнирајте го работното место на начин да обезбедите доволно простор за работниците да се навикнат и да воспостават правилно држење на телото при работата;
  • заменете го рачното ракување со (тешки) товари со механичко ракување;
  • намалете ги тежините на товарот при рачно пренесување;
  • автоматизирајте ги операциите за подигање товар и транспорт;
  • намалете ја висината до која товарот треба да биде подигнат;
  • планирајте ја работата на начин на кој би се избегнувала работа што се повторува, долготрајна работа во неудобни позиции или во долготрајни статички седечки позиции;
  • намалете го бројот (времетраењето) на работните задачи кои бараат работниците да клекнуваат или да работат на коленици;
  • посветете внимание на организациските прашања (на пр. работа во парови, ротација во извршување на задачите, поттикнете кратки паузи за истегнување, промена на шаблоните во однос на извршувањето на работата);
  • дозволете варијации во однос на начинот на кој се изведуваат работните задачи;
  • дозволете паузи во текот на работата;
  • следете и информирајте се за најновите достапни асистивни уреди и поергономски направи, алати и опрема;
  • обезбедете им практична обука на вработените за правилна употреба на работната опрема (направи за подигање товар, столови, мебел), практична обука за тоа како ергономски да ја организираат работата и работното место, обука за правилно пренесување на товар, обука за безбедно држење на телото (позиции на телото) при работа (седење, стоење);
  • обезбедете и воведете мерки за управување со хронични МСН и за враќање на работа и останување на работа на работниците (пр. набавка на ергономски глувчиња за компјутер, безжични слушалки за одговарање на телефон, работно биро со приспособлива висина – биро за седење/стоење, посебно перниче за ублажување на притисокот при седење, овозможете постепено враќање на работа и намалени работни часови, овозможете замена на физичките работни задачи со колегите, дозволете почести паузи за раздвижување и истегнување, дозволете работа од дома во некои („лоши“) денови, дозволете флексибилност во работата за работникот да може да ги оствари здравствените прегледи, обезбедете пристап до просторија за одмор и сл.).

За најдобри ефекти и резултати, вообичаено е потребна комбинација на повеќе различни мерки.

Работа која се извршува во седечка позиција?

Многу професии, работни задачи и работни места во денешно време се карактеризираат со физичка неактивност и долги периоди на непрекинато седење, т.е. вклучуваат долготрајно и продолжено седење на работното место. Ризиците по здравјето на работникот кои се поврзуваат со долготрајното седење на работа се многу добро документирани и докажани. Тие секако вклучуваат сериозни ризици од појава на мускулно-скелетни нарушувања, но исто така и други здравствени проблеми, како што се дијабетесот, срцевите заболувања и сл. 

И во овој дел постојат методи, алатки и техники со кои овие ризици можат да се минимизираат, вклучувајќи ги тука, секако, добриот и соодветен дизајн на работното место, во комбинација со промовирање на физичка активност и чести промени во држењето на телото. Спроведувањето на комбинација од едноставни мерки насочени кон работното место и организацијата на работата, кон психосоцијалните фактори и секако кон зголемувањето на свеста на работниците за добрите позиции и практики при работата е клучно за спречување на МСН поврзани со работата.

Долготрајното и продолжено седење на работното место се наоѓа на врвот на ризик-фактори поврзани со работата кои се наведуваат од страна на работниците. Тоа е еден од најзначајните ризици на модерното време.  А, за волја на вистината, веројатно е дека седењето на работа и понатаму ќе продолжи да се зголемува, имајќи предвид како сè повеќе физичката работа се заменува со работа во седечка позиција, а компјутерите сѐ повеќе ја ограничуваат потребата да „се стане“ од работното место и работното столче.


        Навистина многу категории на работници се изложени на долготрајно и продолжено седење при извршувањето на своите работни задачи. Како примери, можеме да ги споменеме канцелариските (административни) работници, работниците во call-центрите, работниците на каса, сметководители, рецепционери, програмери, работниците на линиите за микро монтажа, возачите, операторите на кранови, работниците во контролни соби (соби за надзор и набљудување), работниците во казина итн.

Постојаното, односно долготрајното седење на работа може да биде причина за голем број здравствени проблеми и несакани состојби. Дури и со најдобра ергономска работна станица, седењето на вашето биро 40 часа неделно не е добро. Сите овие несакани последици по нашето здравје се случуваат затоа што нашите тела се дизајнирани за движење и движењето е добро и корисно за нашите мускули и за ‘рбетот. Не постои „најдобра седечка позиција“ во која треба да се држи телото постојано, без прекини во текот на целото работно време. Она што експертите сѐ повеќе и повеќе го заговараат и го препорачуваат е динамичкото седење – активно седење кое вклучува чести придвижувања и промени на позицијата (спротивно на статичкото седење во една позиција долго време).

            Во продолжение се некои предлози и совети за мерки и активности кои треба да се преземат како би се минимизирале ризиците по здравјето поврзани со седечката работа:

  • секогаш станете по изминати 2 часа седење и направете пауза од седењето најмалку 10 минути кои ќе ги поминете во стоење, одење, движење;
  • колку што е можно избегнувајте долги периоди на седење. Обидете се да правите кратки микропаузи барем на секои 20-30 минути. Ваквите кратки микропаузи се дури и подобри од подолгите паузи што се прават повремено;
  • пробајте да го ограничите времето кое го поминувате седејќи на работа на максимум 5 часа дневно;
  • водете грижа за правилната поставеност на телото при работата, вклучувајќи тука и правилен дизајн на работното место со можности за приспособување на работното место, соодветна висина на работната површина, користете ги можностите за приспособувања на столот на којшто седите;
  • доколку имате работна маса со приспособлива висина која овозможува седење и стоење, користете ја и почесто менувајте ја позицијата на телото при работата;
  • почитување на принципите на ергономијата при уредувањето на работното место;
  • да се работи на воведување и промовирање на работна култура којашто поттикнува повеќе динамички начини на работење и ги мотивира работниците да прават почести паузи за движење, вежби и истегнувања за време на работата;
  • овозможување на активна улога и вклученост на вработените во утврдувањето на практични мерки за подобрување на ергономијата на работното место и работната површина, во идентификувањето на начини за промовирање на поголема активност и повеќе движење за време на работата;
  • подигнување на свеста и едукација на вработените за овие прашања;
  • скратете го времетраењето на работните состаноци колку што е можно, за да се избегне долготрајно седење и практикувајте повеќе паузи кај подолгите состаноци; ако е можно, кратките состаноци одржувајте ги стоејќи;
  • поставувајте ги печатачите, корпите за отпад и сл. во заедничките простории за да поттикнат вработените да станат од своите работни места кога ги користат;
  • кога е можно, станете од столчето кога разговарате на телефон;
  • станете и отидете до колегата на работа кога треба да зборувате, наместо да се јавите на телефон или да испратите eлектронска порака;
  • користете ги скалите на работа наместо лифтот;
  • користете ги ваквите и слични упатства и техники и при теле-работата, т.е. работата од далечина и работата од дома;
  • и кај возачите е потребно да се преземаат соодветни мерки, како на пример соодветно планирање на времето на патување кое ќе овозможи време за паузи и истегнување на долгите патувања, употреба на возила со приспособливи функции за седење, приспособување на седиштето и на седењето кон преференците на возачот, избегнување на навалување на воланот за време на возењето, колку што е можно треба да се менуваат позициите на телото за време на возењето, возачот да излегува од возилото кога јаде, зборува на телефон и сл.

Треба да се има предвид дека и долготрајното и продолжено стоење е исто така штетно за здравјето на работникот, заморно е и може да предизвика здравствени проблеми во долните екстремитети и грбот, како и кардиоваскуларни здравствени проблеми. Всушност, продолженото стоење на едно место е уште полошо за здравјето од продолженото седење. Оттаму, долгото седење не треба да се замени со долго стоење во место.

Со овој текст се обидов да дадам своевиден сублимиран приказ на некои од најзначајните информации, заклучоци, препораки и совети кои беа промовирани во текот на овие две години на спроведување на тековната БЗР кампања на Европската агенција за безбедност и здравје при работа. Кампања која во фокусот ја имаше неопходноста од олеснување на товарот, односно намалување на оптоварувањата при извршувањето на работните задачи, како еден од важните предуслови за справување со сѐ позачестената појава на МСН поврзани со работата. Искрено се надевам дека со бројните активности на организирање на настани, споделување на информации, дистрибуирање на промотивни материјали и сл. и ние успеавме да придонесеме и кај нас, во Република Северна Македонија, дополнително да ја подигнеме свеста, знаењето и разбирањето на сите субјекти за важноста од преземањето на соодветни и навремени мерки во насока на превенција и управување со појавата на мускулно-скелетните нарушувања кај работниците, поврзани со работата и влијанието на работната средина.

Како што потенциравме и погоре во текстот, особено важно е да се знае дека мускулно-скелетните нарушувања се еден од најсериозните и најраширените здравствени проблеми поврзани со работата со кои се соочуваат работниците во ова време, но со примена на соодветен пристап, БЗР методи и техники, тие можат да се превенираат, да се контролираат и менаџираат.

Дарко Дочински,

помошник-раководител на

Сектор за политики од областа на трудово

право и политики за вработување, МТСП

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *