Почитувани членови на ЗИЗ Тутела, колеги Заштитари,

Имајќи во предвид дека оваа недела (19-23.10.2020 г.) е Европска недела за безбедност и здравје при работа, во која се промовира актуелната кампања на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA) чиј фокус и тема се превенција и управување со мускулно – скелетните нарушувања (МСН), како еден од најзастапените здравствени проблеми кои се јавуваат кај работниците, а се директно поврзани со работата и работните места, ЗИЗ Тутела како медија партнер на претходната кампања и поддржувач на актуелната кампања на ЕU-OSHA, организираше низа на настани и активности.

Една од активностите беше и изготвување на предлог нов Правилник за безбедност и здравје при работа при рачно пренесување на товар, кој би го заменил актуелниот Правилник за безбедност и здравје при работа при рачно пренесување на товар (Сл.весник на РМ бр.135/07).

Имено како што и самите знаете, ЗИЗ Тутела, согласно интерниот Правилник за начин на формирање, укинување и работа на стручни работни групи, уште на почетокот на 2019 година отпочна со постапка за формирање на стручни работни групи, составени од сопствените членови, за активности на стручни теми, проекти, легислатива и други нормативни и правни акти за одредена стручна област за која е формирана групата.

На почеток на 2020 година, една од групите ја отпочна постапката на стручна анализа и утврдување на недостатоци на актуелниот Правилник за безбедност и здравје при работа при рачно пренесување на товар (Сл.весник на РМ бр.135/07).

По извршената анализа беше изготвена работна верзија на предлог нов Правилник, верзија која во текот на изминатиот период беше споделена со сите наши 153 члена (стручни лица по безбедност при работа кои работат во приватни и државни правни субјекти во РС Македонија или правни субјекти кои нудат услуги на полето на БЗР) како и Здруженијата со кои имаме потпишано меморандум за соработка  (Здружението за заштита при работа на општина Битола, Битола, Здружението за безбедност при работа 28 Април, Скопје, Македонското здружение за медицина на трудот).

По сублимирање и усогласување на сите конструктивни забелешки, предлози и стручни согледувања кои пристигнаа, се доби еден современ и актуелно применлив Правилник.

На последната Седница на ИО во пресрет на Европската недела за БЗР, се одлучи како активност, истиот да биде доставен до МТСП, како предлог нов Правилник, кој согласно нивна надлежност и одлука би бил разгледан, усогласен и со другите чинители од областа и се надеваме усвоен.

Терминот кој го избравме се поклопува со актуелната кампања на Европската агенција за безбедност и здравје при работа и сметаме дека ќе биде значаен допринос како за сите чинители од областа, така и за МТСП како фокал поинт на EU-OSHA за РС Македонија.

Им се заблагодаруваме на членовите на стручната работна група, останатите членови на ЗИЗ Тутела како и на колегите од другите Здруженија кои доставија свои предлози и допринесоа да се изготви предлог новиот Правилник.

Целиот Допис со прилозите, предлог нов Правилник и пропратни материјали, можете да ги превземете овде:

ПРОДОЛЖУВАМЕ, ЗА БЗР СЕ РАБОТИ !!!

ИО на ЗИЗ Тутела

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *