Среда, 26.10.2022 г., Стопанска комора на Северна Македонија.
По четврти пат во РС Македонија, како составен дел од активностите за одбележување на Европската недела за БЗР, се промовира четвртата збирка на песни и раскази која тематски ја опфаќа областа безбедност и здравје при работа (БЗР), збирка на литературни творби изготвени од дечиња од прво до деветто одделение, ученици во основните училишта во Македонија.
Збирка која уште во 2019 година ја разби класиката и монотионијата во областа БЗР. Збирка која се појави како продукт на искрена заложба на три стручните Здруженија кои работат на полето на БЗР.
Радува фактот што веќе традиционално, месец Октомври, поточно одбележувањето на Европската недела за безбедност и здравје при работа, и оваа година, се збогатени со уште едно соѕвездие од 177 ѕвездички, ѕвездички кои даваат дополнителна светлина на
патот кон побезбедни работни места, ѕвездички кои будат верба за просперитена иднина на сите активности на полето на заштита на работникот, родителот, човекот.
Настанот се одржа во присуство на повеќе од 70 учесници вклучувајќи ги Министерката за труд и социјална политика г-ѓа Јована Тренчевска , потпретседателката на Советот за БЗР г-ѓа Даниела Китанова , претставник на Бирото за развој на образованието, претставник на Државниот инспекторат за труд г-ѓа Грозданка Тилева, авторите-ученици на творбите, нивните родители, нивните ментори, претставници од Основните училишта, членовите на комисијата која ги евалуираше творбите како и претставници на организаторите, трите Здруженија.
Збирката песни и раскази ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2022”, е бесплатно издание кое ќе биде дистрибуирана до основните училишта во РС Македонија.
Со оваа збирка и творбите во неа, се влезе во најискрениот дел од планетата земја, дел во кој детските рачиња преку пишан збор, покажаа што очекуваат од возрасните. Тие на детски едноствен начин, преку низа од песни и раскази, им укажаа на своите родители, дека секој ден, нестрпливо ги очекуваат живи и здрави да се вратат од нивните работни места.
Упатија низа пораки до сите чинители во областа, преку кои директно, недвосмислено и најискрено порачуваат, дека животот на работникот, родителот е поважен од се во овој свет. Порачаа дека безначајни се сите системи и концепти на БЗР, сите собири на кои само се констатира и објавуваат статистики, се е безначајно, ако на работното место се изгуби здравјето или животот на нивниот родител.
Настанот го модерираше г-дин Љупчо Кочовски.
На почетокот на присутните им се обратија организаторите на настанот, претставникот на Здружението за заштита при работа на општина Битола, Битола, г-ѓа Јасмина Котевска , по што следуваше претседателот на Здружението за безбедност при работа 28 АПРИЛ, Скопје, г-дин Благоја Богоевски, а на крај се обрати претседателот на Здружението на инженери за заштита Тутела, Скопје, г-дин Дејан Ангеловски.
Претседателот на ЗИЗ Тутела го искажа огромното задоволство од целиот проект, укажувајќи дека конечно, по четврт пат, дојдовме до крајот на овој проект, чиј финален продукт е збирката песни и раскази. При тоа потенцираше дека со проектот БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ, трите Здруженија постепено го менуваат начинот на пристап во промоција на БЗР. Со овој проект, директно, преку најмладите се става акцент на областа БЗР. Младите автори пишувајки ги своите творби, директно им порачаа на своите родители, блиски, роднини …, дека ги чекаат и им требаат, здрави и живи, да се вратат секој ден од работа.
,,Збирката ви дава многу пораки, кои ако ги разберете и пренесете понатаму и самите вие ќе влијаете на подобрување на општата состојба на безбедност и здравје при работа во државата.”
По претставниците на организаторите, на присутните им се обрати министерката на МТСП, г-ѓа Јована Тренчевска која потенцираше дека свесноста за значењето на здравјето и безбедноста при работа се гради од најмала возраст, затоа што денешните деца, утре ќе бидат активни учесници на пазарот на труд, дали како вработени, како работодавачи или креатори на политики.
Притоа истакна дека во новиот закон за безбедност и здравје при работа, кој е во подготовка се воведува обврска за едукација на младите преку наставни содржини за безбедност и здравје при работа во постојните предмети на соодветната возраст.
Следен претставник кој им се обрати на присутните, беше потпретседателката на Националниот совет за БЗР, г-ѓа Даниела Китанова.
Во своето обраќање таа истакна дека и претставува чест што присуствува на настан кој покрај одбележувањето на Европската недела за БЗР, ја поттикнува и развива културата на превенцијата за БЗР кај најмладите.
Потоа следуваше обраќањето на претставникот на Државниот инспекторат на труд, г-ѓа Гога Тилева.
По обраќањето на официјалните претставници на државните институции, на присутните се обратија и со свои гледишта за целиот проект и наставничките по македонски јазик и членови на комисијата која ги евалуираше творбите , притоа тие искрено го искажаа своето задоволство што биле дел од самиот проект и изразија желба истиот да продолжи и во иднина.
Во текот на целиот настан, редоследно, од прва категорија, присутните ученици ги прочитаа наградените творби,
КАТЕГОРИЈА 1 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)
КАТЕГОРИЈА 2 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)
КАТЕГОРИЈА 3 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)
КАТЕГОРИЈА 4 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа(ученици од шесто до деветто одделение)
ПРВОНАГРАДЕНА
Ученик: Марија Матеска VIII-1 одд.
Училиште: ООУ ,, Св. Климент Охридски”, Македонски Брод
Ментор: Мартина Филипоска
ТРЕТОНАГРАДЕНА
Ученик: Горјан Ристески VIII-4 одд.
Училиште: ООУ ,,Климент Охридски”, Прилеп
Ментор: Јулијана Талеска
Печатењето на Збирката песни и раскази БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2022 е поддржано од МАКСТИЛ.
И оваа година пораката на авторите на творбите е јасна, и 177 пати погласна или како што напиша Андреј:
,,Ние сме мали, но треба да научиме
и како да се заштитиме да изучиме.
Еден ден и нас работа не чека,
тоа ќе биде голема среќа.
Предпазлив секој треба да биде
за да може жив и здрав дома да оди.
Секоја грешка при работа носи ризик,
затоа немој да се правиш шизик!”
Почитувани, пораката е пратена, во име на сите автори останува да ВЕ ЗАМОЛАМ, иако сме сеуште мали, во скора иднина потрудете се за БЗР ДА ДОЗНАЕМЕ СИТЕ ДО ЕДЕН.
ФОТОГРАФИИТЕ ОД НАСТАНОТ МОЖЕТЕ ДА ГИ ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК:
ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКА ПЕСНИ И РАСКАЗИ БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ
ВИДЕОТО ОД НАСТАНОТ МОЖЕТЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК:
ПРОМОЦИЈА НА ЗБИРКА ПЕСНИ И РАСКАЗИ БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ