По повод 28 април – Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Министерството за труд и социјална политика, заедно со Националниот совет за безбедност и здравје при работа и со поддршка на Канцеларијата на Фридриџ Еберт – Скопје, организираа пригоден настан за одбележување на овој датум. Инспирирани од одбележувањето на 100-годишнината од постоењето на Меѓународната организација на трудот (МОТ) и на отпочнатите дискусии на тема „Работата во иднина“, овој настан се одбележа под мотото „Заедно за безбедна и здрава работа во иднина“, осврнувајќи се на значењето, улогата и неопходното унапредување на безбедноста и здравјето при работа, прилагодено и кон крупните промени кои се случуваат и ќе се случуваат во иднина во однос на работата, пред сè имајќи ги во предвид технолошките, демографските промени, оддржливиот развој, климатските промени, промените во делот на организацијата на работата.
Настанот се одржа во МКЦ Клуб Ресторантот. На настанот за првпат беа присутни и активно вклучени во програмата сите чинители од областа БЗР (стручната, научната и медицинската фела).
Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека она што е особено важно е дека Владата е цврсто решена и понатаму да се залага за унапредување на здравјето на работниците и безбедноста на работните места, и работи на превенција од несреќи и заболувањата поврзани со работата и работните места.
„Во текот на оваа година продолжуваат активностите за ревидирање и унапредување на постоечката законска рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа, односно ревидирањето на Законот за безбедност и здравје при работа. Се надеваме дека со овие измени и унапредувања на законите одредби, пред сè ќе ја подобриме практичната имплементација на законот, кој е донесен пред повеќе од 10 години и во овој период се детектирани повеќе слабости и можности за негово подобрување. Истовремено со вклученост на сите засегнати страни подготвуваме и целосно нов Закон за работни односи со кој се унапредуваат работничките права и ќе биде усогласен со сите меѓународни конвенции“, изјави Царовска.
Во целиот овој процес се вклучени советодавното тело кое дава значаен придонес во изминатиот период, како во креирањето на стратешките и оперативни документи од областа, така и во следењето на состојбите во делот на БЗР, поттикнување на иницијативи, но и сите останати здруженија, организации на работодавачи, организации на работници, експерти и стручни лица од областа.
Претседателката на Националниот Совет за безбедност и здравје при работа проф. Јованка Каранџинска Бислимовска рече дека и претставува особена чест што годинава државата се приклучува кон меѓународната иницијатива за одбележување на 28 април Светскиот ден за безбедност и здравје при работа. „Годинешното мото за одбележување на Светскиот ден за БЗР е „Заедно за безбедна и здрава работа во иднина“, инспирирани од веќе отпочнатите глобални анализи, дискусии и дебати на тема „работата во иднина“. Кога дискутираме за тоа како ќе изгледа работата во иднина со сите промени кои ќе се случуваат и кои веќе се случуваат, неопходно е да мислиме и на аспектите кои задираат во безбедноста и здравјето при работа, и на тоа како политиките и системите за БЗР да ги унапредуваме и прилагодуваме за да можат и тие соодветно да одговорат на очекуваните предизвици“, рече Каранџинска Бислимовска.
Од страна на Националниот совет за БЗР, беа доделени награди во следните категории:
- Мали компании до 50 вработени – ЕВН Електрани ДООЕЛ, Скопје
- Средни компании до 250 вработени – ДС Смитх АД, Скопје и
- Големи компании над 250 вработени –
Џонсон Мети ДООЕЛ
Како дел од одбележувањето од страна на трите стрчни Здруженија, Здружението на инженери за заштита Тутела,Скопје, Здружението за заштита на Општина Битола, Битола и Здружението за безбедност при работа ,,28-ми Април”, Скопје, деделија две награди, и тоa:
Специјална награда за најмногу доставени трудови на повикот ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ” , од страна на д-р Иво Кузманов, беше доделена на директорот на ООУ Гоце Делчев, Илинден, г-ѓа Душанка Крстевска.
Специјална награда за добри практики во 2019 година за апликација доставена на повикот за добри практики на правните субјекти, беше доделена на Витаминка АД, Прилеп. Нагрдата беше доделена од страна на претставникот на ЗБР 28-ми Април, г-дин Невзат Умер.
На настанот се обрати и г-дин Борче Стојчевски, кој го истакна значењето на денешниот ден и посебен акцент даде на актуелните состојби во областа БЗР.