1. Кој е Вашиот став за состојбата со безбедност и здравје во Р. Македонија?

Фактичката состојба, односно податоците кои ги добиваме од Државниот трудов инспекторат укажуваат на тоа дека во поглед на смртност, потешки и колективни повреди, најкритични беа последните три години. Но исто така се забележува и тенденција на опаѓање на овие најаларматни ризици. Што се однесува пак до нашиот став, тој е јасен- безбедноста и здравјето на работникот е приоритет.  Владата е целосно посветена на унапредување на состојбите бидејќи тoa пред се’ e едно од основните човекови права, но  и предуслов за успешна работа и поголема продуктивност на работникот.

  1. Законот за безбедност и здравје при работа е донесен 2007 година, дали сметате дека се потребни измени или пак донесување на нов закон?

Природата на оваа проблематика не дозволува овој закон да стагнира. Односно, со напредок на технологијата и промената во навиките за работа, Законот за безбедност и здравје при работа треба да се унапредува и да трпи измени. И бидејќи овој закон е технолошки напреден закон, неговото ажурирање е клучно за неговото функционирање.

Сакаме да нагласиме дека МТСП во соработка со Меѓународната организација на трудот веќе донесе меѓународни експерти во оваа област кои моментално ја оценуваат ефикасноста на веќе постоечките законски и подзаконски акти. По нивните согледувања, заедно со нашите социјални партнери ќе оцениме кои законски одредби треба да се променат и дали треба да се донесе нов закон.

  1. Каква би била улогата на невладиниот сектор чија определба е безбедност и здравје при работа во евентуалните промени во законската и подзаконската регулатива?

МТСП веќе ја возобнови работата на Националниот совет за безбедност каде има преставници од граѓанските организации. Меѓу другото, нивни преставници веќе се сретнаа со преставниците на Меѓународната организација на трудот и нивните забелешки ќе влезат во експертскиот извештај. Сепак, нашата соработка не завршува тука. Комуникацијата останува постојана и сите забелешки и промени во поглед на функционирањето на законот и подзаконските акти ќе бидат разгледувани и дискутирани заедно.

  1. Дали сметате дека сегашните капацитети на Министерството за труд и социјална политика и Државниот инспекторат за труд се доволни за спроведување на европската агенда која следи?

Во последниот Европски извештај беше забележано дека има недостаток на инспектори и дека Министерството треба да назначи вработени за оваа проблематика со цел поефикасно спроведување на законот. Што се однесува до Министерството, веќе се назначeни вработени кои ќе се занимаваат со оваа проблематика и се прави детална анализа на функционалноста на Законот за безбедност и здравје при работа. Инспекторатот за труд беше запоставуван години наназад и таму навистина има потреба од вработувања на стручен кадар за да се подобри и капацитетот и ефикасноста во работата.

  1. Стручното списанието ТУТЕЛА ќе излегува два пати годишно и тоа во време на обележување на светскиот ден за безбедност и здравје при работа и европската недела за безбедност и здравје при работа. Може ли да очекуваме одредни промени на состојбата во наредниот период до излегување на вториот број од стручното списание?

Веќе постои подобрување во институционалната поставеност на Министерството за труд и социјална политика, постои подобра соработка со Меѓународната организација на трудот како и подобра соработка со невладини организации кои се занимаваат со оваа проблематика и се подготвени да го дадат својот придонес. Тоа е битен чекор кон имплементација на стандардите, што е основен услов за да се превенираат повреди на работното место. Очекувам нашата заедничка работа и искрени заложби да дадат позитивен ефект кој ќе ја намали црната статистика.

 

 

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *