Четврток, 24.10.2019 г., сала на Фонд за иновации и технолошки развој.

За првпат во РС Македонија, се промовира збирка на песни и раскази која тематски ја опфати областа безбедност и здравје при работа (БЗР). Збирка на литературни трудови изготвени од дечиња од прво до деветто одделение, ученици во основните училишта во Македонија. Збирка која ја разби класиката и монотионијата во областа. Збирка која се појави како продукт на искрена заложба на стручните Здруженија.

Збирката песни и раскази ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ”, е бесплатно издание кое ќе биде дистрибуирана до основните училишта во РС Македонија.

Со оваа збирка и творбите во неа,се влезе во најискрениот дел од планетата земја, дел во кој детските рачиња преку пишан збор, покажаа што очекуваат од возрасните. Тие на детски едноствен начин, преку низа од песни и раскази, им укажаа на своите родители, дека секој ден, нестрпливо ги очекуваат живи и здрави да се вратат од нивните работни места.
Упатија низа пораки до сите чинители во областа, преку кои директно, недвосмислено и најискрено порачуваат, дека животот на работникот, родителот е поважен од се во овој свет. Порачаа дека безначајни се сите системи и концепти на БЗР, сите собири на кои само се констатира и објавуваат статистики, се е безначајно, ако на работното место се изгуби здравјето или животот на нивниот родител.
На промоцијата присуствуваа претставници на сите чинители од областа БЗР, присутни беа претставник на Министерството за труд и социјална политика, претставник на Државниот инспекторат за труд, претседателката на Националниот совет за БЗР, претставник на Бирото за развој на образованието, претставник на Синдикалната организација, директори на основните училишта, наставници и ментори на учениците, претставници и членови на Здруженијата, како и најглавните , НАЈМЛАДИТЕ ТВОРЦИ.

Пред повеке од 50 присутни, на почетокот се обратија организаторите на настанот, претставникот на Здружението за заштита при работа на општина Битола, г. Илче Богоевски, а после него се обрати претседателот на Здружението на инженери за заштита Тутела, г. Дејан Ангеловски.

Претседателот на ЗИЗ Тутела го искажа огромното задоволство, дека конечно дојдовме до крајот на овој проект, чиј финален продукт е збирката песни и раскази, нешто што во оваа област до сега се нема случено. Потенцираше дека со проектот БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ, трите Здруженија го сменија досегашниот начин на пристап во промоција на БЗР. Со овој проект, директно, преку најмладите се става акцент на областа БЗР. Збирката ви дава многу пораки, кои ако ги разберете и пренесете понатаму и самите вие ќе влијаете на подобрување на општата состојба на безбедност и здравје во државата.

По претставниците на организаторите, на присутните им се обрати г.Борче Стојчевски, член на ИО на ЗИЗ Тутела, кој го објасни значењето на кампањата на Европската агенција за безбедност и здравје при работа за 2018/2019 г., ,,Здрави работни места – Управување со опасни супстанци”.

Следуваше претставникот на МТСП, г. Горан Нешевски, кој истакна дека МТСП е за еден инклузивен концепт на вклученост на сите чинители на областа БЗР, а доказ за тоа се низата работилници кои до сега се организирани, на теми за измени, дополнување или носење на нови законски и подзаконски акти.

Следен кој им се обрати на присутните, беше претседателката на Националниот совет за БЗР, проф. д-р Јасмина Чалоска, која истакна дека и претставува чест што присуствува на настанот организиран по повод обележувањето на Европската недела за БЗР, особено се радува што со проектот БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ, се промовира културата на превенцијата за БЗР кај најмладите.

По обраќањето на официјалните претставници на државните институции, на присутните им се обратија директорката на ООУ Гоце Делчев од општина Илинден , како училиште со најмногу испратени творби на повикот БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ, а веднаш после неа самиот проект го објасни и наставничката од истото училиште г-ѓа Марија Стојчевска.

По нивното обраќање на присутните им се обратија дел од наставниците ментори и членови на комисијата за евалуација на творбите, кои искрено го искажаа своето задоволство што биле дел од самиот проект и изразија желба истиот да продолжи и во иднина.

На настанот се обрати и г.Сашо Стојкоски, претставник на ЕВН Македонија, компанија која го поддржа печатењето на збирката песни и раскази ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ”.

Тој истакна дека ЕВН Македонија, како општествено одговорна фирма, во континуитет поддржува проекти кои позитивно влијаат на одредени состојби во државата и со самото тоа допринесувааат за нивен развој и унапредување.

Меѓу другото го потенцираше проектот 20 – 20 – 20 , каде ЕВН Македонија, како лидер во областа, заедно со Министерството за образование и наука и СЕУГС ,,Михајло Пупин”, за прв пат го воведоа дуалното образование во државата.

После обраќањето на претставникот на управниот обор на ЕВН Македонија, за крај присутните ученици ги прочитаа своите творби преку кои едногласно порачаа:

Почитувани, пораката е пратена, во име на сите автори останува да ВЕ ЗАМОЛАМ, иако сме сеуште мали, во скора иднина потрудете се за БЗР ДА ДОЗНАЕМЕ СИТЕ ДО ЕДЕН.

ФОТОГРАФИИТЕ ОД НАСТАНОТ МОЖЕТЕ ДА ГИ ПОГЛЕДНЕТЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК:

https://photos.app.goo.gl/jNBBGX5mhEJAuRKr8

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *