Во денешната ситуација со COVID-19 голем дел од активностите за спречување на ширење на заразата припаѓа на Државниот инспекторат за труд. Како инспекторат, успевате ли да одговорите на сите обврски?

Со сите капацитети со кои располагаме се обидуваме да одговориме на барањата. Особено ни е важно да одговориме на поплаките од вработените. Бидејќи во составот имаме два инспекциски сектори (сектор за работни односи и сектор за безбедност  и здравје при работа) мораме да одговориме на барањата кои се однесуваат на работните односи, но и оние кои се однесуваат на примена на мерките за безбедно работење, особено во услови на пандемија.

Дали сметате дека капацитетите на инспекторатот (човечки и материјални) се доволни за справување со пандемијата, но и во време кога немаме пандемија?

Се справуваме онолку колку што ни дозволува капацитетот. Сите инспектори се максимално ангажирани. Дали е тоа доволно? Сметам дека секогаш можеме подобро со зголемување на капацитетите.

Во еден од извештаите од ЕУ беше забележано дека има недостаток на инспектори и дека треба да се назначат вработени за оваа проблематика со цел поефикасно спроведување на законот, спроведена ли е оваа препорака?

Да во еден од извештаите од делегацијата на ЕУ пред некоја година имаше забелешка за малиот број на инспектори. Во овој период се обидовме да ја подобриме оваа состојба со прием на неколку нови вработени, но треба да бидеме свесни дека возрасната структура на инспекторатот е таква што континуирано имаме одење во пензија на наши колеги, па се потребни и нови вработувања во целост да се постигнат бројките кои ќе се побараат од нас.

Каков е Вашиот став околу примена на мерките за безбедност и здравје при работа во услови на пандемија?

Сметам дека мерките треба да се применуваат и законските обврски да се почитуваат. Дури овие мерки треба да бидат и позасилени поради појава на нова опасност од вирусот. Ова се однесува особено на работодавачите кои работат во ова време. Оние кои прекинаа со работните процеси не мора да применуваат мерки.

Во моментов „тренд“ е работа од дома. Има ли можност инспекторатот да врши контрола над оваа работа?

Голем дел од работодавачите кои имаат можности ги организираа вработените да работат од дома. Ова е тема која во наредниот период треба добро да се разработи бидејќи постоечката легислатива не дава јасна слика за ваков тип на работа, особено за можна инспекција над примена на мерките во тие „работни простории“. Согледувајки го трендот во светски размери и кога нема пандемија, да се работи на ваков начин, бара од сите нас да посветиме поголемо внимание кон регулирање на оваа материја, особено за обврската за примена на мерки за безбедно работење, дефинирањето на повреда при работа, но и начинот на нивна контрола од инспекторите.

Според Вас дали постоечкиот Закон за безбедност и здравје при работа и подзаконските прописи во оваа област даваат јасна слика по која може да се инспектира без при тоа инспекторите да имаат недоумици?

Како и секој закон и овој си го потроши времето за кое беше донесен. Созреани се услови да се изготви нов, особено по толку голем број на измени. Често се наоѓаме во ситуации според кои е тешко да се постапи поради одредени недоречености или контрадикторности во постоечката легислативата. Тука не мислам само на законот туку и на подзаконските акти. По завршување на оваа криза ќе мораме да изнајдеме начин како да ги надминеме детектираните проблеми.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *