Почитувани членови на ЗИЗ Тутела, колеги заштитари, почитувана јавност, почитувани претставници на државните институции кои ја креираат политиката и во чија надлежност е областа БЗР, ни претставува посебна чест на крајот проектот ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2020″, да ги сублимираме сите активности и да ви ја претставиме во најкратки црти ползата од самиот проект.

Поточно, одиме чекор по чекор и тоа:

ПРЕД СЕ И ОВОЈ ПАТ ИМ СЕ ЗАБЛАГОДАРУВАМЕ НА СИТЕ УЧЕНИЦИ; НАСТАВНИЦИ; ПРАВНИ СУБЈЕКТИ – ПОДДРЖУВАЧИ НА ЦЕЛАТА АКТИВНОСТ

Како проект ,, БЗР од мали нозе 2020”, е одобрен и од страна на Министерството за образование и наука (бр.12-13283/3 од 23.01.2020 год.) и Бирото за развој на образованието, како настан, за подигање на јавната свест за градење на култура за безбедност и здравје од најмала училишна возраст кај учениците.

И овој пат, во време на пандемија, во време на ограничувања, лична, колективна заштита и грижа за сопственото здравје, здравјето на најблиските, во време на КОВИД-19, најмладите најсериозно пристапија и исполнија уште стотина страници од нивното гледање на безбедноста и здравјето при работа.

Ваквиот однос и одговорност на најмладите, нивните ментори, наставници, родители … ни дава потврда дека сме на правиот пат и воедно ни претставува поттик да продолжиме и уште повеќе да се заложиме културата за БЗР да се развива и негува од мали нозе.

РЕДОСЛЕД НА АКТИВНОСТИ:

-Во првата фаза од повикот „БЗР од мали нозе 2020″, за избор на најдобрите литературни творби на тема БЗР, изработени од учениците од Р.С. Македонија, повик, кој за втор пат се одржува, и полека но сигурно преминува во традиционален , апликација поднесоа учениците од следните Основни училишта:

ООУ “Крсте Мисирков”, Куманово
ООУ „Гоце Делчев“, с.Љубанци, Бутел
ООУ „Кирил и Методиј“, Стојаково, Богданци
ООУ ,,Никола Карев”, Радовиш
ООУ ,,Партенија Зоографски”, Скопје
ООУ ,,Св.Климент Охридски”, Македонски Брод
ООУ ,,Гоце Делчев”, н.Илинден
ООУ „Славејко Арсов“, Штип
ЦОУ ,,Христо Узунов”, Другово,  Кичево
ООУ„Лазо Ангеловски“, Аеродром, Скопје

Заклучно со 10.03.2020 г., до моментот на прекин на наставата (работата на училиштата) поради актуелната ситуација со КОВИД-19, поднесени се вкупно 98 творби (песни и раскази), како лични творби на 93 ученика.

Во втората фаза, следуваше комисиско разгледување на пристигнатите творби дали се во согласност критериумите на повикот и темата Безбедност и здравје при работа, по што критериумите на повикот ги исполнија 86 творби од кои 56 песни и 31 расказ.

Во третата фаза, следуваше комисиска евалуација и оценување на трудовите по категории од страна на предложените наставнички/стручни лица од училиштата, при што творбите по категории им беа доставени и истите беа рангирани од секој член засебно, по што беа направени сумарни резултати од секоја евалуација.

Членови на комисијата која ги евалуираше творбите, беа:

1. Драгица Петрова – ООУ,,Славејко Арсов”, Штип
2. Марија С. Стојчевска – ООУ,,Гоце Делчев”, Илинден
3. Ленче Наќева – ООУ ,,Никола Карев”, Радовиш
4.Жаклина Стојановска – ЦОУ ,,Христо Узунов”, Другово,  Кичево

Согласно нивната евалуација, беа избрани најдобрите три творби во секоја категорија, и тоа:

Категорија 1 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

  1. Безбедност и заштита при работа, автор Флора Петровска, V-в одд.
  2. Безбедност и заштита од мали нозе, автор Јордан Ѓурчиновски, V-г одд.
  3. Безбедност и здравје на здравствените работници, автор Михаела Миноска, IV одд.

Категорија 2 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од прво до петто одделение)

  1. Безбедност и заштита при работа, автор Марио Митевски, V-г одд.
  2. Татко ми е хемичар, автор Ева Печенпетеловска, V-г одд.
  3. Заштитната опрема живот значи, автор Матеа Стојаноска, IV одд.

Категорија 3 – Песна на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)

1. Пандемија, автор Мартина Ангеловска, IX-а одд.

2. Безбедност и заштита при работа, автор Дајана Стојановска, VII-a одд.

3. Безбедност при здравје и работа, автор Мила Ивановска, VI-г одд.

Категорија 4 – Расказ на тема безбедност и здравје при работа (ученици од шесто до деветто одделение)

1. Безбедност и здравје за работниците, автор Даме Топузовски, VIII одд.

2. Безбедност и здравје при работа, автор Сања Јанева, VIII-2 одд.

3. Безбедност и здравје на работниците, автор Андреј Урдовски, VII одд.

Иако со појавата на актуелната состојба со КОВИД-19, престанаа да работат училиштата, се помести активноста за промоција на Збирката на 28 април, Светскиот ден на БЗР, сепак искрената заложба на стручните Здруженија, наставниците, менторите и финансиска поддршка во фазата на печатење од Мермерниот комбинат од Прилеп, Вториот број на ЗБИРКАТА ПЕСНИ И РАСКАЗИ ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ” го дочека светлото на денот во средината на Европската недела за БЗР.

Среда, 21.10.2020 г., ООУ ,,Гоце Делчев”, с.Љубанци, Општина Бутел, Скопје, по вторпат во РС Македонија, се промовира збирка на песни и раскази која тематски ја опфати областа безбедност и здравје при работа (БЗР). Збирка на литературни трудови изготвени од дечиња од прво до деветто одделение, ученици во основните училишта во Македонија. Збирка која излезе во екот на пандемијата од КОВИД-19, Збирка во која творбите младите автори ги создадоа само за десет дена.

-Збирката песни и раскази ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ”, е бесплатно издание кое ќе биде дистрибуирана до основните училишта во РС Македонија.

-31.12.2020 г. Збирката песни и раскази ,,БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ” е во рацете на малите творци кои со право се гордеат со неа.

ПРОДОЛЖУВАМЕ !!!

БЗР ОД МАЛИ НОЗЕ 2021 – ПРОЕКТ ОДОБРЕН ОД МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ И НАУКА.

СЛЕДЕТЕ НЕ !!!

Категорија 1 – Првонаградена

Безбедност и заштита при работа

Работниците наши смели,
во рудници или до печки врели,
живот и здравје мора да пазат,
во чизми гумени безбедно да газат.

На лицето маска,на главата шлемови
вредно работат така со денови,
и во пекара несмеат боси
заштитна облека мора да се носи.

И во канцеларија тие што везден седат,
во компјутерите што мора да гледаат,
списоци,букви и бројки симнуваат
изморени дома тие заминуваат.

На крајот сите да кажеме сложно
безбедно,сигурно и се е можно
капи,ракавици или чизми
заштити се ,безбеден биди
и на крај рацете ги изми.

Ученик: Флора Петровска, V-в одд.
Училиште: ООУ „Гоце Делчев“, Илинден
Ментор: Голупка Давиткова

Категорија 2 – Првонаградена

Безбедност и заштита при работа

Сите луѓе на светот свесно или несвесно не ги почитуваат условите под кои работат. Некогаш ненамерната грешка за некого може живот да значи. Да си безбеден и заштитен при работа значи и подразбира дека сите треба да ги почитуваат правилата и мерките за непрекинато одвивање на работниот процес.
Но, дали секогаш е така? Она што јас го имам како личен пример ме наведува на помислата дека не секогаш сите се трудат да бидат заштитени и безбедни додека ја вршат својата дејност (работа) за која учеле, вложувале максимален труд да се докажат и покажат што знаат и умеат.
Се случи еден немилн настан во моја близина. Имено додека ја довршувавме доградбата на нашата куќа еден од работниците кој беше качен на највисоката греда му се лизна ногата и падна директно на земјата со глава. Во тој момент сите притрчаа да му пружат помош. Но, тој остана така неподвижен, само изусти неколку неразбирливи зборови. По се изгледа си ја повреди многу главата бидејќи од неа бликаше крв. Се исплашив. Не знаев што треба да направам. Чувствував некаков немир во себе, ја потиснувам мојата горчина и успеав да ги затскријам моите солзи кои полека почнаа да се тркалаат по моето лице. По природа сум многу емотивен и ме погоди тоа што му се случи на работникот кој ненамерно се повреди. Работникот го однесоа во болница, му пружија помош и го пуштија на домашно лекување.
Од тој ден во мојата глава се вртеа разни прашања од типот: Зошто работникот не носеше соодветна опрема ( шлем или капа) за да се заштити себеси? Дали тоа свесно или несвесно го правеше? Тие мисли со денови ме прогонуваа, но никако не успаев да си дадам одговор на тие прашања. Дали тој мислеше дека тоа нему нема да му се случи или немаше опрема со која требаше да работи за да се заштити себеси не можам да знам и да потврдам со сигурност. Но сигурен сум дека овој немил настан за него ќе остане во вечно сеќавање како дамка која никогаш нема да избледи.
Затоа сакам да апелирам до сите луѓе кои работат физичка работа, па дури и оние луѓе по фабриките да користат соодветна опрема за да се заштитат пред се себе си, а потоа и останатите кои се во нивна непосредна близина. Безбедноста секогаш треба да е на прво место. Доколку не се почитуваат правилата и мерките за заштита и безбедност на работното место може да се случат непредвидливи и несакани последици кои можат да го загрозат нивното здравје.
Здравјето и безбедноста се највисоките вредности на сите луѓе во целиот свет и истите треба и мора да се почитуваат за да не се случуваат несакани настани од ваков вид.

Ученик: Марио Митевски, V-г одд.
Училиште: ООУ „Гоце Делчев“, Илинден
Ментор: Маја Блажевска

Категорија 3 – Првонаградена

ПАНДЕМИЈА

Од денешна Кина, од животно диво,
Се појави вирус на светско ниво.
Предизвикува болест, тешка и злобна
за одредени лица премногу кобна.

Не го наруши тој само секојдневието мое
Туку и на мама и тато, а верувам и твое
Го смени тој нашиот животен тек
Почна да го крати и човековиот век.

Но и човекот не остана да седи мирно
Во борба со болеста се обедини силно.
Како реакција прва, од СЗ О од горе
Препораки почнаа да течат ко море.

Но и кај нас не седевме едноставно така,
Се обединивме сложно против оваа ,,мака”
Доктори, сестри, па и цела медицинска струка
Деноноќно се грижат за болните и тука.

Изложени на вирусот, во болници и сали,
Помагаат на секој со симптоми, што се жали.
Знаат и тие дека нивната струката е една
Да помагаш на болните е хумана дарба вредна.

Со маски, скафандери и ракавици на рака
Покажуваат како струката се сака.
Почитуваат мерки, насоки и препораки исти
Хигиена одржуваат, и се секогаш чисти.

Ако сега од страна анализа направиме една ,
Ќе видиме колку БЗР и во оваа ситуација е вредна.
Ако немаа ЛЗС и направеа грешка,
Докторите ќе се предадеа на болеста тешка.

Заразата без мака ќе ги покореше со ред
Немаше тогаш кој да го брани човечкиот свет.
Затоа на крајот другарчиња мои,
Грижете се за вас и родителите свои.
Укажете им дека и во оваа ситуација тешка
БЗР ќе ги заштити на работа без грешка.

*СЗО – Светска здравствена организација
*ЛЗС – Лични заштитни средства
*БЗР – Безбедност и здравје при работа

Ученик: Мартина Ангеловска, 9-а одд.
Училиште: ООУ “Партениjа Зографски“, Кисела Вода
Ментор: Васка Николова Икономова

Категорија 4 – Првонаградена

Безбедност и здравје за работниците

Кога одиме на работа треба да пазиме при безбедноста, исто така ако постои опасност при хемикалии треба да носиме маски.
Градежниците треба да носат безбедносна опрема поради опасност и ризик при работа.
Познавав еден таков човек кој за да го заштити своето семејство, да му ги обезбеди основните човечки потреби прифати да работи во стакларница. Кожата му стана црвена, лицето како подгорено, очите секогаш му беа подзатворени, секогаш изгледаше уморно, ненаспано, истоштено. Еден ден неговото семејство се растрча. Не ми беше јасно што се случува. По неколку часа неговито син, мој врсник, влегуваше во својот двор. Кога го прашав што се случило, ми кажа дека татко му се повредил на работното место. Тој ден немале ниту заштитни кациги ниту соодветен алат за валкање на материјалот од кој се произведува стаклото, па импровизирале само за да не им вика работодавачот. Ете каде ги довела таа негова несериозност и негрижа за работничките права.
Неговото закрепнување беше долго, тешко, напорно. Сите му помагаа: и семејството и соседите и роднините и пријателите. Човекот никогаш повеќе не беше ист. Таа несреќа остави крајни, тешки последици врз целата негова личност, врз целото негово битие. Го смени од корен. Стана раздразлив, нервозен,анксиозен, нетрпелив. Не можев да го препознаам.
Затоа му порачувам и на неговиот работодавач и на сите останати: Нека грижата за здравјето и безбедноста на работниците ви биде најважна, на прво место, на пиедесталот, а личното профитирање оставете ја на последното место. Затоа што ништо не вреди повеќе од иднината на еден човек, неговата среќа и мирен живот.

Ученик: Даме Топузовски, VIII одд.
Училиште: ООУ „Гоце Делчев“, Љубанци, Бутел
Ментор: Иванка Тодорова Милошевска

Затоа и овој пат ПРОДОЛЖУВАМЕ, во интерес на БЗР, во интерес на младите, заедно до безбедни и здрави работни места….

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *