Тутела, денес и пред три години, вредеa ли трудот и заложбата?
Лично од моја гледна точка ДА, искрено повеќе од сигурен сум дека вредеше. Еве без да прашувате зошто така мислам, ќе бидам краток – Докажавме дека на стручните лица за безбедност при работа им треба Здружение кое ќе ги обедини, Здружение кое ќе ги стимулира да го покажат тоа што го знаат, Здружение кое ќе им овозможи да го кажат јавно и транспрарентно тоа што го мислат и тоа што треба да се прави за БЗР да си го заземе своето место во општеството.
Дали мислите дека сите се согласуваат со оваа ваша констатација?
Не, напротив, не ни сакам да мислам, а уште помалку да барам некој да биде истомисленик со мене. Пред се, сите сме луѓе од крв и месо, сите си имаме свои идеи, размислувања и гледање на работите, но поттик и надеж дека ако не целосно, делумно се движиме во права насока е бројката од 185 членови, кои моментално имаат добиено членска карта на ЗИЗ Тутела и кои имаат подмирено годишна членарина и се активни во групите на Здружението, и што ме прави најсреќен реагираат, одговараат, даваат поредлози, мислења, дискутираат, коментираат…едноставно се ,,будат”, нешто што им, односно ни фалеше во периодот пред Тутела.
Каква е соработката со другите институции, надлежните органи, организации, на почетокот рековте дека сте отворени за соработка со сите?
Соработка! Ко збор е одличен, но практично не секогаш и од секоја страна употреблив.
Да не бидам саркастичен, соработката со тие што искрено планираат и сакаат соработка на рамноправно ниво и меѓусебна почит, најискрено е одлична. Не ги двојам, и лично не сум негативно настроен ни кон тие со кои како Здружение не сме оставриле сеуште повисоко ниво на соработка, ни кон тие со кои во моментов немаме никаква комуникација, а не пак сработка. Но, тие со кои соработуваме слободно може да кажат какви сме како соработници и кои се нашите заложби.
Во поглед на институциите, имаме редовна комуникација со МТСП, ДИТ за теми кои заедно не тангираат и имаме генерално коректна соработка, а и со некои и заеднички резултати. Трнспарентни сме во се, и ако ја погледнете нашата интернет страница ќе видите дека, слободно може да кажам дека транспарентноста ни е ,,јака” страна. За се што бараме, укажуваме, даваме забелешки, негодуваме, не се согласуваме, генерално за се јавно кажуваме (некои негодуваат и за овој начин на транспарентност, но моментално таа е состојбата). Исто така и тоа што другите го кажуваат и мислат за нас, не критикуваат, даваат забелешки … и тие се на нашата интернет страна, едноставно оставаме времето и јавноста да судат, дали сме грешеле или сме постапиле исправно.
Во врска со другите организации, соработуваме по одредени прашања и со Организацијата на работодавачи на Македонија, за кои можам слободно да кажам дека до сега за секое наше барање за соработка секогаш биле отворени и коректни.
Со Синдикалните организации сеуште, иако не нeзам од кои причини, не сме имале некоја соработка иако имало разговори и обиди, но …. ќе видиме.
А со колегите од сродните Здруженија?
Одлично сорaботуваме, не би коментирал повеќе ….
Како прво, нели е соработка кога три од пет Зруженија (за толку имам информацја дека постојат во моментов) во континуитет соработуваат, се надополнуваат, организираат заеднички настани …. има резултати од соработката, и тоа добро видливи, за овие три години. Отворено и директно, од самиот момент на потпишување на Меморандумот за соработка до денес направивме многу…. Со најмладото имаме комуникација но сеуште некоја поголема соработка не сме оствариле, што не е на одмет да се случи во иднина.
Како второ, после претходно спомнатото, оној дел одлично соработуваме, малку може да го корегирам, искрено со голема доза на жалење, со едно од Здруженијата некако не ни иде соработката, и еве по три години сеуште лично немам одговор зошто, но нејсе сеуште постои желба за соработка и верувам дека прашање на време е кога и до тоа ќе дојде. Сепак сите сме колеги и ако не соработуваме на ниво на Здруженија, многу околности ни наложуваат да соработуваме како професионалци во правните субјекти во кои работиме.
Совет за БЗР, се промени претставникот на стручните лица за БР во Советот, што понатаму?
Што понатаму??? Малку е несуштински поставено прашањето. Вака гледано излегува дека основна цел беше да се промени членот на Советотот кој ги претставува стручните лица за БР. Но, ајде да гледаме пошироко и пооптимистички. Да, и те како сум лично сигурен и уверен дека требаше да дојде до промена, не поради Тутела, напротив поради струката. ЗИЗ Тутела нема ништо против претходниот претставник, пред се тој ни е колега на сите, и мене и на членовите на ИО на ЗИЗ Тутела, и на членовите на ЗИЗ Тутела.
Промената мораше да дојде, поради тоа што во Советот треба нова идеја и нова свежа крв. Во Советот треба нови ликови, нов терк на работа, нова движечка сила. Е сега, да се прашаме зошто? И лаик ќе ви даде едноставен одговор, а не да прашате професионалец. Ако тргнете од Законските одредби што треба да прави и работи Советот за БЗР ќе видите дека тој треба да е иницијатор и креатор на политиките во областа БЗР, тој е СОВЕТОДАВНО ТЕЛО на Владата на РС Македонија. Искрено со целиот респект и почит кон сите досегашни и актуелни членови на Советото за БЗР, но ајде да одиме наназад , иако секогаш велам гледај во иднината, што било тоа е, не се менува.
Да се запрашаме што Советот креираше и направи од моментот на негово формирање до сега. Кое придвижување го направи во областа БЗР? Колку седници има Советот во текот на една година и кои се неговите заклучоци, решенија, едноставно резултати?…
Еве ќе ги земам репер последните 3 години, што се случува, организира доделување на национални награди за добра пракса за БЗР (организира повик, евалуира апликации, одредува кој е најдобар), ја следи стратегијата за развој на БЗР, односно нејзина реализација?!? Споделува мислења од членовите во него и што тие направиле на полето на БЗР… да не набројувам посетете ја страната на МТСП и одете во делот на работа на Советот за БЗР, последна активност што ја донел е Деловник за работа на Советот и начин на аплицирање и евалуирање за Национални награди за БЗР…. Тоа е работа на Советот за БЗР? Да не се лажеме, чест на секој, но не сакам никој да се најде навреден во ова, но во Законот стои, пак ќе нагласам СОВЕТОДАВНО ТЕЛО НА ВЛАДАТА, ете затоа БЗР е до тука, односно на нивото на кое е сега. (ова е мој личен став не би сакал да се злоупотреби како став на ЗИЗ Тутела или мнозинството членови). Верувајте, СЕ Додека!!!, не ни влезе во глава дека секој може да допринесе во едно тело до одреден степен и после сам треба да се повлече и тие што ќе го наследат треба да го користат неговото искуство и знаење (ако ги има), и додека преовладува она народното ,,јас цигла по цигла го градев ова, а тој мене ќе ми каже како”, верувајте сите мостови се срушени. Оваа тема е завршена, мислам дека бев доволно јасен.
Малку агресивно и премногу критики кон Советот?
Не напротив, не е критика, само констатација и обид да почнеме сите реално да гледаме на работите, иако знам дека многумина во целост не се согласуваат со мене. Што искрено ми е жал. Но верувам дека полека, работите ќе си дојдат на свое место и тоа нема да зависи ниту од мене ниту од другите, напротив самото време и новите последователни случувања ќе покажат дека нема незаменливи, единствени и постојани, во тие моменти треба да преовладее разумот и да се надминат личните суети.
Како се справуваат вашите членови, односно колеги со актуелната состојба со светската пандемија од КОВИД-19? Односно што вие како Здружение направивте за сите?
Па искрно да не ,,трошам” простор од Списанието, отидете на www.tutela.org.mk или на нашата FB страна малку вратете се низ времето (се рзбира од 01.03.2020 г. па наваму) и ќе ви стане јасно. Да, се е толку кратко , јасно , прецизно и стручно посочено, а дека е тоа така доказ е што низ многу фирми и други правни субјекти се јавно објавени флаерите и препораки кои ги изготвивме сите ние од Тутела и ставивме на нашата интернет страна на располагање на сите.
И во време на Ковид покажавме дека доколку се почитуваат сите препораки, протоколи и превземат соодветните мерки може се да тече и функционира без прекин. Организравме две обуки на кои засебно писуствуваа 75 односно 106 колеги, го организиравме on-line Редовното Годишно Собрание во присуство на 104 наши членови… така да ако се има желба, идеја, мотив и цел се е многу полесно и пореално остварливо.
Зошто не сте активни на медиумите, ретко Тутела или некој нејзин претставник го има во етерот или некој медиум?
Најискрено за секоја активност испраќаме информација до сите медиумски куќи, тие што ја разбираат суштитната на БЗР не контактираат, покануваат да учествуваме во нивни емисии, да доставувме наш став или мислење по одредена тема. Но за жал изгледа кога ќе се спомне БЗР барем до сега, општо мислење на јавноста е дека под БЗР се подразбира само збир на бројки кои презентираат црни статистики за несреќи и повреди при работа, а сето тоа е последица на отсекогаш лошиот пристап кон БЗР и уште полошата презентација пред пошироката јавност, што таа претставува. Како и да е треба време за таа перцепција да се искорени и промени.
Имате ли идеја и моќ да ја промените таа перцепција?
Идеја имаме, желба имаме, но со покажување моќ ништо не се менува. За почеток треба да се осмисли пристап како пред се да се промени начинот на кој другите ја гледаат БЗР, мислам на сите оние лица кои во одреден дел или момент од животот имаат допир со БЗР, не на професионалците кои работат дректно на полето на БЗР (иако и дел од нив се ,,робови” на таа мисла). Како Здружение цврсто стоиме на ствот дека БЗР се учи од мали нозе, уште од предучилишна, па училишна возраст. Навиките и начинот на размислување се поставуваат на самиот почеток, токму таму треба да се делува. На последнот повик или конкурс за творби со тема БЗР, лично ми остави впечаток една e-mail порака која дојде од наставничка која е ментор на ученик кој учествуваше на повикот за песни и раскази БЗР од МАЛИ нозе 2021, поточно таа напиша ,, Со задоволство и мотив, на час по додатна настава, моите третоодделенци твореа за учество на Вашиот конкурс. Ви благодариме за можноста! Пред СЕ научивме за безбедност при работа , разговарајќи за повеќе случувања.”
Токму тука е појдовната точка од каде треба да се тргне, а не како до сега, по обратен редослед. Кога тие што треба да сфатат, ќе разберат дека само со ваков пристап се гради култура кај најмладите. Преку творењето на песна или расказ и помош од родителите кои сакаат да им помогнат на дечињата, ги мотивираш и родителите да размислуваат за БЗР, ја правиш таа нераскинлива врска, го овозможуваш тој спој и се разбира следат резултати. Месец дена училиштата во РСМ пулсираа во ритамот на БЗР, учениците прашуваа за БЗР, пишуваа за БЗР … не е ли тоа подобро и покорисно на долги патеки, од 5 обуки за возрасни кои се бодуваат со 10 поени за пасивно учество.
Контактирате ли со некои сродни организации од околните земји па и пошироко, односно правите ли нешто на полето на меѓународна соработка?
Замајќи во предвид дека сме генерално едно од помладите здруженија на овие простори, во изминатите три години пред се бевме медиумски партнер на Европската агенција за безбедност и здравје (EU-OSHA) за кампањата за здрави работни места 2018 – 2020 ,,Опасни супстанци”. Поради одредени интерни организациски принципи во EU-OSHA, како Здружение кое потекнува од земја која не е членка на Европската унија, а врз основа на големиот број на активности кои ги имавме во претходната кампања, за новата кампања 2020- 2022 ни беше доделен статусот поддржувач на кампањата Олесни го товарот, со овластување да го користиме официјалното лого на поддржувачи на кампањата.
Бевме првото Здружение во РС Македонја кое го организираше присуството на официјалната маскота на EU-OSHA за здрави работни места НАПО во 2018 година, и тоа со полна агенда цели две недели во текот на Европската недела за БЗР.
Склучивме меморандуми за соработка со неколку Здруженија надвор од РС Македонија и со две веке организиравме една меѓународна конференција и една online обука, повторно со голема посетеност од нашите членови.
Имаме редовни контакти и размена на искуства, идеи, стручни материјали, заеднички иницијативи…со колегите од речиси сите земји од Балканот и пошироко.
Се што правиме, правиме во интерес на сите кои се инволвирани во струката под единственото мото ,,За БЗР се работи”.
За крај, Ваши идни планови и гледања, каде ја гледате Тутела во наредните години?
Во Македонија, мала шега. Тутела веќе е ЗДРУЖЕНИЕ кое има свои тела, план, програма и се разбира што е најважно, за да може да функционира има членови. Насоката во која ќе продолжиме да функционираме е јасна, основата е самиот Статут, а целта е БЗР, што и да кажам повеќе од тоа ќе делувам несериозно.