1. Како ја гледате улогата на ДИТ и неговото влијание на целокупната состојба во областа БЗР?

Неспорен е фактот дека Државниот инспекторат за труд е во нераскинлива спрега со системот за безбедност и здравје при работа и неговата функционалност и ефикасност на терен. Ако анализираме посуштински, лесно ќе се увиди дека секој правен акт од областа БЗР, без разлика дали е законски или подзаконски, по неговото усвојување и објавување во „Службен весник на РСМ“,  преминува во надлежност на ДИТ, односно државните инспектори за труд кои вршејќи инспекциски надзор ја следат и неговата имплементација на терен, а преку тоа и неговата функционалност и применливост.

ДИТ е првата државна институција која може да ги согледа позитивните страни, но и пречките во пракса од секое ново донесено правно решение во областа БЗР, да согледа дали истото е функционално, применливо на терен, да прибере информации, ставови и размислувања, директно од засегнатите страни кои треба да го имплементираат (правни субјекти, стручни лица за БР, синдикални организации и сл.).  Ова го велам затоа што од почеток, со моето доаѓање како прв човек на ДИТ, реков и сѐ уште стојам на ставот дека улогата на ДИТ не треба да биде само ,,механичкa” контрола на спроведеното и како резултат на тоа финално да имаме Записник во кој согласно со утврдената фактичка состојба ќе констатираме дека има или нема неправилности кај правното лице кај коешто се врши инспекцискиот надзор. Настојував и настојувам активностите да ги насочуваме кон укажување односно делуваме советодавно кај работодавците за примена на мерките. Секако таму каде што е неопходно се применуваат и репресивни мерки, но секогаш како последна мерка. Нормално работодавците, стручните лица и синдикатите се тие кои треба првично да делуваат во имплементација и почитување на постоечките законски решенија, но и сите измени, а ние сме тие кои ги потсетуваме, советуваме доколку нешто не е спроведено или е спроведено нецелосно со крајна цел зачувување на безбедноста и здравјето на вработените.

  • Какво е Вашето мислење за соработката со стручните здруженија?

За нас како Државен инспекторат за труд и лично за мене како директор, особено е значајна соработката со граѓанскиот сектор, односно со стручните здруженија, имајќи ја предвид експертизата со која располагаат овие здруженија.

Државниот инспекторат за труд соработува со сите здруженија кои работат на полето на безбедност и здравје односно соработува со сите чинители во општеството кои работат на полето на трудовото законодавство.

Придобивката од соработката со стручните здруженија е заемна, како за здруженијата, така и за претставниците на ДИТ. Размената на искуствата, информации и решавање на одредени проблеми кои се појавуваат во текот на имплементација на одредени нормативни одредби е од суштинско значење за подобрување на состојбата во оваа област.

Стручните здруженија ги сочинуваат истите стручни лица со кои ние контактираме на терен и од кои ги добиваме првите информации за состојбата со БЗР во правниот субјект во кој работат. Искрено верувам дека честите средби и дискусии, како и искрените контакти можат да доведат до градење на меѓусебна доверба и стручна соработка и поддршка.

На настаните кои се организираат од здруженијата, доколку бидат поканети, најчесто присуствуваат и претставници од ДИТ-инспектори, некогаш како предавачи, некогаш како учесници на работилници и отворени дискусии, некогаш и како слушатели, сѐ со цел едукација, но и размена на искуства.

Верувам дека и на колегите инспектори им одговара оваа комуникација и до сега не сум забележала дека нема интерес за соработка. Напротив, за секоја добиена покана за одреден настан се организираме да одговориме на истата и да овозможиме присуство на наши претставници.

  • Кој е Вашиот став во поглед на покриеноста со законски и подзаконски акти во областа БЗР? Дали како ДИТ сметате дека одредени законски и подзаконски решенија се неприменливи на терен?

Најголемиот дел од законската и подзаконската регулатива е донесена и усогласена со регулативата на Европската Унија.

Сметам дека не постои законско или подзаконско решение кое е неприменливо на терен во целина. Впрочем и донесувањето на регулативата е истата да биде применлива и да помогне областа за која се однесува да биде правно регулирана. Може да се случи одредена одредба откако ќе стапи на сила регулативата да биде потешко применлива во пракса и да бара дополнително усогласување или подготовка на одреден подзаконски акт. Има ситуации кога има одредени тешкотии при имплементацијата поради различни толкувања на обврските од страна на субјектите кои треба да го имплементираат и начинот на кој го имплементираат, но ако согледаме таква состојба како ДИТ реагираме пред сѐ советодавно и даваме насоки за пропусти и дообјаснување на одредени состојби. Во посериозни ситуации предлагаме и организирање на работилници, консултативни сесии, семинари, на кои покануваме претставници од надлежното министерство и заедно доаѓаме до крајни заклучоци и дефинирање на барањето кое произлегува од нормативниот акт.

Вообичаено е при носење на нов нормативен акт да сме дел од работната група која го подготвува, каде што се почитуваат нашите мислења и ставови, со оглед на искуството од пракса, така што верувам дека секое актуелно или ново законско и подзаконско решение е применливо, повеќе може да размислуваме и делуваме во насока колку е тоа јасно разбрано и прифатено од страна на субјектот кој треба да го имплементира.

За одредена регулатива може да дадеме иницијатива за промена на одредени решенија кои ги детектиравме како најпроблематични и претставуваат пречка при инспекциските надзори.

  • Кои се Вашите планови за подобрување на работата на ДИТ во делот на безбедност и здравје при работа?

Она што во наредниот период се планира е зајакнување на капацитетите на инспекторатот со нови вработувања на инспектори и план за дополнително екипирање во следните години, земајќи ја предвид возрасната структура на инспекторите.

Со поддршка на вицепремиерот Љупчо Николовски и неговиот кабинет, Владата усвои Информација со која беше задолжено Министерството за финансии да обезбеди буџет за нови вработувања на инспекциските служби со посебен акцент на Државниот инспекторат за труд. Благодарение на поддршката на Владата во првите два месеца од 2021 година се вработени тројца нови инспектори, а одобрени се буџетски средства и добивме позитивно мислење и согласност на Годишниот план за вработување за 2021 г. за дополнителни 14 нови инспектори, од кои 7 во делот на работни односи и 7 во областа на безбедност и здравје при работа.

Исто така, неминовна е потребата од континуирана едукација на инспекторите, средби со колеги од земји од регионот и земји од ЕУ со цел размена на искуства и гледишта, сето ова е важен сегмент за подобрување на надзорот.

Потоа следно нешто за кое искрено сум ангажирана заедно со колегите е идејата која произлезе од работните состаноци во ДИТ за формирање на Ресурсен центар за континуирана едукација и анализа, чија цел треба да биде континуирано јакнење на капацитетите на инспекторите, но и на вработените во инспекторатот во делот на администрацијата, и истиот  може да се користи и од страна на други засегнати чинители во областа на трудовото законодавство, како и изнаоѓање на соодветно просторно решение за работа на инспекторите, со посебен акцент на подрачните одделенија во Скопје и подрачните одделенија каде што навистина просторните услови се лоши. Во моментов, посебно на територијата на Град Скопје, како институција сме лоцирани на три локации, со тоа ни е отежната комуникацијата, мобилноста, брзината на реакција и усогласување на активностите, но и пристапот на граѓаните до инспекторатот. Но верувам дека наскоро и овој проблем ќе го надминеме.

Тука би го спомнала и користењето на софтверот за инспекциски надзор ,,Е-инспектор“, кој верувам дека ќе го олесни и ќе го модернизира пристапот на инспекторот и ќе се воведе соодветна контрола на инспекторираните компании.

  • Што недостасува во ДИТ за зголемување на улогата на инспекторатот во подобрување на состојбата?

Бројот на инспектори, континуираната едукација на инспекторите, размената на искуство со колегите се генерално тоа што првично мислам дека ќе придонесе за поголема застапеност на терен на инспекторите, но дали состојбата ќе се подобри не зависи само од ДИТ. Наша цел е да го спроведеме планираното како до сега и да укажеме што сме утврдиле на терен, а согласно на тоа соодветно да реагираме. Верувам дека ако компаниите соодветно и исполнително ги почитуваат законските и подзаконските акти, соодветно реагираат на првичните наши укажувања при инспекциските надзори, состојбата без многу напор може многу брзо да се подобри.

  • Каков е Вашиот став за состојбата со безбедноста и здравјето при работа во РСМ гледано од бројките на инспектирани правни субјекти и бројот на повреди? Што е она што недостасува конечно да почнат да се намалуваат бројките на повреди при работа?

Државните инспектори за труд се секојдневно на терен спроведувајќи инспекциски надзори, кои можат да бидат редовни, вонредни и контролни согласно со моменталната состојба во државата, годишниот план за работа, барањата поднесени до ДИТ во форма на претставки, пријави, известувања, информации по допрен глас, известувања за несреќа при работа и сл.

Најискрено, за да дојде до намалување на бројката на повреди при работа не треба секогаш прстот да биде вперен кон ДИТ. Има низа предуслови кои треба да се регулираат, усогласат и  дефинираат, односно да се исполнат.  

Со направен инспекциски надзор не може секогаш да се спречи повреда при работа! Наш инспектор оди во правниот субјект, врши надзор согласно со законските и подзаконските обврски и утврдената фактичка состојба покажува дека сѐ е во ред. По завршување на инспекцискиот надзор инспекторот заминува. И еве се случува повреда при работа во правниот субјект. Чија е вината? На инспекторот?  Не би требало така да се сублимираат работите.

Ако секој си ја врши својата работа и е исполнителен во делокругот на своите обврски, работи на подигање на свеста кај сите учесници во процесот во поглед на лична, колективна заштита, почитување на мерки и средства, примена на опрема за лична заштита, а извршителите го почитуваат сето тоа, сега на ова прашање немаше ни да има потреба да одговараме. Има ситуации кога работодавецот исполнил сѐ согласно со законските и подзаконските обврски, но пак се случува повреда. Затоа има постапка надзор за утврдување на причини и услови што довеле до повредата.

Како заклучок само ќе сублимирам дека полека треба да се менува перцепцијата дека ДИТ може да влијае на сѐ. Едноставно речено ако секој си ја работи својата работа професионално, чесно и ангажирано, за краток период сите ќе ги видиме бенефитите на таквата ангажираност.

Државниот инспекторат за труд постапува и ќе продолжи да постапува согласно со надлежностите, професионално и посветено. Нашата цел е работната средина кај секој работодавец да биде безбедна за работникот и за неговото здравје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *