Допис по повод 28 Април, од министерката Мила Царовска и честитки зa успешен старт на ТУТЕЛА.

Почитувани,
Изразувам благодарност за поканата за настанот кој го организирате по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, а воедно се извинувам за спреченоста да присуствувам на настанот.
Пренесете ја мојата порака за честитките по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа .
Сакам да истакнам дека едно од основните човекови права и предуслов за успешна работа и поголема продуктивност на работникот е чување и унапредување на здравјето на работниците, прашање на кое оваа Влада е целосно посветена. Доколку имаме здрава, безбедна и добро дизајнирана работа, реално е да се очекува работниците да бидат поефикасни и попродуктивни на своите работни места.
Во таа насока и за таа цел со самото доаѓање на оваа Влада се зацртаа насоките на делување кои се утврдени во Стратегијата за безбедност и здравје при работа 2020, во која е дефинирана визијата, стратешкиот пристап, принципите, основните цели, очекуваните цели и резултати, приоритетите, клучните предизвици. Со ова се обезбеди широка платформа на интерсекторско делување и пристап во реализација на планираните активности во оваа област, се воспостави стратешка рамка на делување на сите партнери, на сите нивоа, се со цел да се постигне подобрување на безбедноста и здравјето при работа на секој работник на секое работно место.
За да може да се постигне ова се разви и Акциски план во кој се предвидени голем број на активности насочени кон системот на управување со безбедноста и здравјето при работа преку широк партиципативен и консултативен процес, вклучувајќи ги сите засегнати страни.
Впрочем ова се покажа и при самиот процес на подготовка на Стратегијата и Акцискиот план , за чија содржина голем допринос и целосна посветеност покажаа членовите на Советот и останатите засегнати страни.
Во оваа прилика не треба да ги заборавиме и инспекторите кои со своите активности се грижат и ги следат законски предвидените обврски на работодавачите во однос на обезбедување на безбедна и здрава средина за работа за нивните вработени. Ова може да се потврди и со бројот на извршените инспекторски надзори од страна инспекторите за безбедност и здрвје при работа кои во 2017 година извршија 7.406 редовни инспекциски надзори и 3.552 вонредни инспекциски надзори. Инспекциските надзори во оваа област не треба да имаат примарна цел да се казнуваат работодавачите туку да се следи имплементацијата на стандардите и мерките кои ги превземаат работодавачите за безбедност на вработените на своите работни места.
Но сепак не треба да го занемариме фактот дека и понатаму имаме смртни случаии на работници на своите работни места и тоа 14 во 2017 година, во 2016 година 15, во 2015 – 24, или просечно во периодот од 2010 до 2017 година 15 смртни случаи годишно. Според наодите на Државниот инспекторат, забележани се потешки повреди на работните места и тоа во 2017 година 1.693, во 2016- 1.486, во 2015 – 1.461 или просечно годишно од 2010-2017 година 1.149 потешки повреди. Но ова мислам дека не се должи само на инспекциските надзори туку и на зајакната свест и законската обврска на работодавачите да истите ги пријавуваат.
Сериозно сме загрижени за ваквата состојба и сите наши напори во иднина треба да ги насочиме да се надмине оваа состојба, односно сите задно да работиме за да се обезбедат безбедни услови за работа на работниците на своите работни места.
Затоа од доаѓањето на ова Влада, целосно сме посветени на ова прашање, ја користиме секоја стручна и советодавна поддршка и помош од секој чинител заради натамошно подобрување на состојбите во оваа област.
Работиме на зајакнување на капацитетите на Државниот инспекторат за труд, и тоа како на зголемување на нивниот број така и во однос на нивната стручност.
Иако законската регулатива постои, истата е усогласена со законодавството на Европската унија и конвенциите на Меѓународната организација на трудот, сепак во нашите планирани активности е нејзино подобрување со цел континуирано да се подобруваат условите на работните места заради намалување на опасноста и ризикот на работните места.
Примете искрени честитки по повод промоција на првото списание за безбедност и здравје при работа и противпожарна заштита , и очекувам да ни се придружите во реализација на зацртаните цели за обезбедување на поголема безбедност и здравје на работниците.
На крај, дозволете ми, уште еднаш на сите да им го честитам 28 април, Светскиот дена за безбедност и здравје при работа насловен како “ Безбедна и здрава генерација“ посветен на здравјето и безбедноста на младите работници и укинување на детскиот труд.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *