Каква е Вашата визија за безбедноста и здравјето при работа во Република Северна Македонија?

Безбедноста и здравјето при работа е особено комплексна област, област која е од големо значење и која директно засега огромен број на наши граѓани. А колку се безбедноста и здравјето на работното место навистина важни и неопходни, меѓу другото ни покажа токму и оваа пандемија со која живееме еве веќе втора година.    Уште од почетокот, се покажа дека пандемијата има силно влијание врз речиси сите аспекти на работата.  Сведоци сме дека сите работници, работодавачи, бизниси, сектори и институции  беа и сеуште се на различни начини силно погодени од оваа здравствена криза, како и од неопходните мерки кои се преземаа за спречување на ширењето на заразата. Имавме целосно или делумно затворање на одредени бизниси, намалени, ограничени или нарушени деловни процеси, значително зголемен обем на работа во некои дејности, зголемено присуство на ризици во работењето, заболени работници, рестрикции во движењата и патувањата, затворање на училиштата, градинките и бројни други мерки, кои имаат директно влијание врз работниците и претпријатијата. Опасноста и превенцијата од зараза на работниците доведоа до голем број на промени во начинот на работа и одвивањето на работата во претпријатијата. Се појави поинтензивна употреба на работа од дома, работа од далечина, смени, ротации на вработени итн. А овие пак промени, од своја страна, наметнаа и нови предизвици за работниците и изложеност на други ризици по безбедноста и здравјето – како на пример психосоцијални ризици, изразена појава на стрес, зголемени ергономски ризици итн.
Токму во ова, за сите нас мошне тешко и комплицирано време кога се соочуваме со сериозна опасност по нашето здравје и живот, работниците и работодавачите се исправени пред огромни и неочекувани предизвици, обидувајќи се на најсоодветен начин да се заштитат и да се справат со заканата од ширењето на вирусот и последиците од заболувањето.    
Она што е за мене најзначајно, а тоа нека биде и одговор на Вашето прашање, е неопходноста унапредувањето на безбедноста и здравјето при работа да биде континуирана, заедничка, партнерска и координирана заложба и работа на сите нас кои на било каков начин сме вклучени во креирањето, спроведувањето или следењето на имплементацијата на политиките во областа на БЗР. Сите ние, и државните институции и органи, и работниците, работодавачите, стручната и експертска јавност од областа, образовните институции, граѓанскиот сектор…, сите ние заеднички ја споделуваме и одговорноста и обврската да работиме на превенирање на несреќите, повредите и заболувањата поврзани со работата, смртните случаи. 
Мојата визија за областа, ја поврзувам со тоа обезбедувањето на подобро здравје и поголема безбедност на работата за секој еден работник во државата, да биде навистина заедничка цел и заложба на сите релевантни партнери и секој, во својот домен и во рамките на своите можности, активно да работи и придонесува за остварување на таа цел и за подобрување на состојбите. 

Сoвремените трендови во нашето пошироко и блиско опкружување има промени во регулативата и нужно наметнува потреба од континуирано пратење на активностите на меѓународните организации и институции. Каква е соработката во делот на БЗР со меѓународните организации и институции?

Секако, се согласувам дека особено важно за подобрување на состојбите во делот на безбедноста и здравјето при работа е следењето на современите трендови, стандарди, политики и практики во областа на меѓународно ниво.  Тука ќе ја истакнам и важноста на добрата, ефикасна и континуирана комуникација и соработка со најважните меѓународни организации и тела во овој домен, а секако и соодветните министерства, агенции или државни органи од други земји, од регионот и пошироко. Сакам да истакнам дека Министерството за труд и социјална политика има одлична соработка и комуникација пред сè со Европската унија и Меѓународната организација на трудот (МОТ), двете најзначајни организации кои всушност ги креираат и поставуваат стандардите, меѓу другото и во областа на безбедноста и здравјето при работа. Тие се и нашите најзначајни партнери, кои обезбедуваат помош и поддршка (експертска, финансиска и друга) во активности насочени кон унапредување на состојбите во оваа област.  Тие располагаат со навистина огромна експертиза, искуство, материјали, анализи, извештаи, промотивни и други материјали, специфични алатки и сл. кои можеме да ги користиме во имплементацијата на политиките, унапредувањето на законодавната рамка, а особено во делот на промотивни активности во областа на БЗР.  
Од минатата, 2020 година, Министерството за труд и социјална политика е и национална контакт точка (National Focal Point) на Европската агенција за безбедност и здравје при работа (EU-OSHA), со која имаме исклучително добра соработка во делот на размена на искуства, споделување на информативни и други материјали, спроведување на кампањи за подигнување на свеста за прашања од областа на БЗР итн.

До каде е постапката со новиот нацрт на Закон за безбедност и здравје при работа?

Како што Ви е познато, постапката, или процесот, на ревидирање на постојната законска рамка во областа на безбедноста и здравјето при работа е отпочната и таа е во тек. Наша заложба, како надлежно министерство, а и лично моја како министерка за труд и социјална политика, е да се донесе нов Закон за безбедност и здравје при работа кој би бил во функција на понатамошно унапредување и подобрување на состојбите во оваа особено значајна област. Токму поради важноста на областа и прашањата кои ги уредува овој закон, а се разбира и поради огромниот број на наши граѓани кои се директно засегнати и врз кои непосредно влијае оваа законска регулатива, нашиот пристап е сериозен и темелен, а со самото тоа и подолготраен.
Би сакала, за вас и Вашите читатели, да дадам еден своевиден краток преглед на досегашниот тек на активностите во овој дел.
Имено, во 2019 година Министерството за труд и социјална политика иницираше еден широк и партиципативен процес на анализа и консултација со сите релевантни чинители во областа на БЗР кој има за цел да резултира со подобрување на законската рамка за безбедност и здравје при работ и изготвување и усвојување на нов Закон за безбедност и здравје при работа.  Основната или најзначајна цел на овој процес ќе биде да се подобри пред сè практичната имплементација и примена на законските одредби и соодветно да се адресираат и да се надминат идентификуваните постојни слабости, проблеми и недостатоци кои влијаеа негативно врз имплементацијата, а кои беа идентификувани во изминатите, еве веќе 13-14 години практично искуство во спроведување на овој закон.
За реализација на оваа активност, која впрочем беше предвидена и во Стратегијата и Акцискиот план за БЗР 2020, на иницијатива на МТСП и Националниот Совет за БЗР, најпрвин беше побарана и одобрена експертска помош од Меѓународната организација на трудот (МОТ), за изготвување на една анализа и оценка на усогласеноста на македонската законска рамка за безбедност и здравје при работа, со меѓународните стандарди (првенствено со релевантните конвенции на МОТ). Активностите во овој дел, поддржани од домашни и меѓународни (МОТ) експерти од областа, резултираа со подготовка на извештај и анализа кои првично беа презентирани и дискутирани на почетокот на 2019 година.
Понатаму, процесот продолжи со организирање на дискусии, размени на мислења и анализи на искуствата на различните субјекти во областа на БЗР, од досегашната, повеќе од една децениска имплементација на Законот за БЗР (првично донесен во 2007 година.)
За таа цел се одржаа неколку консултативни работни средби, преку кои ние обезбедивме широка партиципативност и транспарентност на процесот. Вклучени беа претставници на работодавачи и стопански комори, претставници на работниците, т.е. синдикати и стручни лица и експерти од областа на безбедност при работа, медицина на трудот, како и академска јавност, т.е. претставници од сите универзитети кои спроведуваат наставна дејност од безбедност при работа и медицина на трудот.
Сите овие извештаи, анализи и препораки, како и резултатите од дискусиите и консултациите претставуваат основа за дизајнирање на законските измени, кои ќе имаат за цел понатамошно унапредување на законската рамка и подобрување на имплементацијата.
Врз основа на сите овие претходно реализирани активности и добиени резултати, кон крајот на 2020 година, со експертска поддршка која ни ја овозможи канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт, веќе е подготвен првичен нацрт-текст на новиот Закон за безбедност и здравје при работа, со кој се настојува да се воведат и одредени промени и новини во начините и специфичностите на законското регулирање на оваа област во нашата држава.  Овој подготвен нацрт-текст и понатаму ќе биде предмет на понатамошни консултации и усогласувања, како би се дошло до законско решение кое ќе биде прифатливо и значително подобрено и унапредено во однос на постоечкото. Наше мислење е дека на овој начин, преку еден ваков воспоставен процес, ќе може да се дојде до подобро законско решение кое ќе придонесе кон напорите за обезбедување на поздрави и побезбедни работни места во државата.
Многу неодговорно и погрешно би било да се носат закони, политики  без да се слушнат, без да се прашаат или без да им се даде реална можност да дадат свој придонес на оние кои се и директно засегнати со тие законски решенија или политики, а тука пред сè мислам на синдикатите, на работодавачите, стручните лица и професионалци.
Најверојатно сте во тек дека паралелно, во истиот овој период, Министерството за труд и социјална политика на ист начин го подготвува и новиот Закон за работните односи. Со усвојувањето на овие суштински закони од областа на трудовото право, работните односи и условите за работа, јас навистина се надевам дека ќе успееме да креираме современи законски решенија, во кои ќе бидат вградени позитивните меѓународни стандарди и практики во овие области и кои ќе обезбедат и подобра и поефикасна примена.

Дoколку се донесе нов закон дали ќе се менуваат и подзаконските акти?

Се разбира, со донесувањето на нов Закон за БЗР, ќе се наметне и потребата од измени и на дел од релевантната секундарната легислатива, т.е. правилниците и  другите подзаконски акти од областа.   Но се разбира, подобрувањето и унапредувањето на подзаконските акти во областа на безбедност и здравје при работа не е условено исклучиво од измени или носење на нов Закон за БЗР. И во изминатиов период имаме иницирано измени и дополнувања на одредени подзаконски акти од областа. Како што напоменав и претходно во врска со законот, и овие измени на правилниците се прават во консултации со засегнатите страни, во што е директно инволвиран и Советот за БЗР, како особено значајно експертско советодавно тело во чија работа учествуваат претставници токму од сите заинтересирани и засегнати субјекти.   Важно е да се напомене и фактот дека постапката за измени на одредени БЗР правилници во овој период беше иницирана од страна на некои од здруженијата на стручни лица по безбедност при работа, меѓу кои и здружението „Тутела“.
Активностите во овој дел продолжуваат и понатаму, при што Министерството е отворено да ги разгледа и соодветно да ги процесуира сите издржани иницијативи и предлози кои ќе дојдат од страна на релевантните субјекти, а ќе бидат во функција на подобрување на состојбите во однос на безбедноста и здравјето на нашите работници.

Во некои училишта за средно образование особено со дуални паралелки е отпочнато со изучување на предмети за безбедноста и здравјето при работа, каква е стратегијата за подигнување на свеста кај најмладите за важноста на БЗР и постепено воведување во воспитно-образовниот систем особено имајќи ја во предвид обврската која Произлегува од Конвенцијата 187?

Сите ние сме свесни дека, покрај постоењето на соодветната легислатива и надзорот врз нејзината примена, огромен, а можеби и најсилен ефекти во однос на подобрување на состојбите во делот на БЗР и превенција на несреќите при работа и професионалните заболувања, може да се постигне со континуирани промотивни активности и активности за подигнување на свеста кај сите субјекти (и кај работниците и кај работодавачите, и кај општата јавност).  Неопходно е постојано јакнење и подигнување на свеста за неопходноста од континуирана грижа и делување на сите фактори, во функција на обезбедување на здрави и безбедни работни места во државата.
Меѓународните искуства и практики недвосмислено сведочат за тоа дека, за да се постигнуваат очекуваните и посакуваните резултати во делот на БЗР во едно општество, неопходно е со едукација и подигнувањето на свеста за овие прашања да се започне од најрана возраст.  Кај учениците од средните, од основните училишта, па дури и кај децата од предучилишна возраст.
Неопходно е идните работодавачи и работници, идните креатори на политики итн., уште од многу рана возраст, а не само непосредно пред нивниот влез на пазарот на труд,  да започнат да се запознаваат, да се информираат и едуцираат за тоа што значи грижата за безбедноста и за доброто здравје на работниците на нивните работни места. Само на тој начин може навистина ефикасно и постепено да се гради таа превентивна култура кај децата и учениците, како резултат на што тие подоцна во живото, при влегувањето во светот на работата, ќе имаат сосема солидни познавања и веќе изградена свест за овие прашања поврзани со правата и обврските за обезбедување на здрава и безбедна работна средина.
Министерството за труд и социјална политика и во наредниот период, во соработка со останатите партнери и засегнати страни, ќе работи на внесувањето на елементи поврзани со безбедноста и здравјето при работа и подигнување на свеста кај децата и учениците, во различните степени на образование. 
Ова е препознаено и утврдено и како една од приоритетните области и во рамките на новата Стратегија за БЗР 2021-2025 која е во завршна фаза на подготовка.  Како и за сите останати прашања поврзани со безбедноста и здравјето при работа, и овде од суштинско значење за успех е ангажманот и заедничкото координирано делување на повеќе релевантни страни, меѓу кои државните институции и органи, но секако и образовните установи, стручните лица и експерти по безбедност при работа и по медицина на трудот итн.
И до сега сме сведоци на различни активности кои се преземаат во насока на подигнување на свеста и јакнење на културата на превенција кај најмладата популација. Овде би сакала, како позитивен пример и навистина добра пракса да ја потенцирам и иницијативата токму на Здружението „ТУТЕЛА“ која се спроведува во изминатите неколку години под насловот „БЗР од мали нозе“, со која навистина се постигнува поголема инволвираност, но секако и поголема едуцираност и зголемена свест кај децата од основните училишта за важноста на безбедноста и здравјето при работа.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *